Во организација на одделението за енергетска ефикасност на општина Карпош се одржа „Информативен енергетски ден“. Стручните лица информираа за активностите од проектот за ладење и греење „CoolHeating“ и за резултатите од досегашното залагање на општина Карпош, во напорите за енергетски поефикасна општина. Целта на Информативниот енергетски ден, како што информира општина Карпош, е подигнување на свеста на граѓаните за придобивките од користење на мали модуларни системи за централно ладење и греење.
Проектот „CoolHeating“ ќе овозможи пренесување на знаења и искуства од заедничките активности меѓу партнерите од земјите, кои веќе ги користат овие развиени технологии за обновливо централно ладење и греење, какви што се Австрија, Германија и Данска. Корисници во овој меѓународен проект се општина Високо (БиХ), Љутомер (Словенија), градот Шабац (Србија), градот Озаљ (Хрватска) и општина Карпош.