Во првиот квартал следната година се очекува да бидат поставени камен темелници за изградба на новите автопатски делници Миладиновци – Штип и Кичево Охрид, информира денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски.
Во тек се подготвителни активности и се работи на експропријација на земјиштето, кое добива на вредност поради изградбата на автопатот.
– Засега нема проблеми при експропријацијата, бидејќи со самата градба на патиштата вредноста на земјиштето што е покрај автопатот расте, наведе Георгиевски на прес-конференција на која даде отчет за реализираните активности во тек на годината што изминува.
Од наплата на патарина годинава Јавното претпријатие за државни патишта собрало 1.315.000.000 денари, што претставува зголемување во однос на 2012 и 2011, кога по тој основ се наплатени 1.152.000.000, односно 1.053.000.000 денари.
Во завршна фаза, наведе Георгиевски, се преговорите со заинтересираните субјекти за осовременување на патарините со воведување нов систем. Веќе е усвоен изгледот на идните патарини и е проследен до сите апликанти што се јавија на тендерот, којшто се одвива во две фази.
Според него, веќе се реализирани 36 проценти од предвидените активности за изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, во должина од 28 километри, проект во вредност од 210 милиони евра. Се работи на пробивање на два тунела. На првиот тунел се пробиени 27 проценти, а на вториот 22,8 проценти. Пробиени над 90 проценти од земјените работи и веќе е почнато и асфалтирање. (МИА)