Насловна / Вести / Првиот „паметен“ громобран од Македонија

Првиот „паметен“ громобран од Македонија

Pameten gromobran veda total MKD

Сите знаеме каква задача има  еден громобран поставен на каков било објект… Но, што ако може да го направиме „паметен“, па да може побрзо да открие доаѓање на молња и за тоа дури и да јави на други такви громобрани? Токму такви, smart громобрани, под брендот Веда Тотал, произведува македонската фирма „Дарис инженеринг“, лоцирана во Ѓорче Петров, Скопје.

„Меѓународно патентирана технологија овозможува произволна измена на самата структура на громобранот и придружната инсталација, односно програмирање, додавање или отстранување на склопови со специјални функции, така што громобранот дејствува самостојно или здружено вмрежен во рамки на систем за заштита од молња, потоа може да комуницира и дејствува заедно со други системи и громобрани со сродна технологија, да комуницира со корисникот, аудиовизуелно и електронски да алармира при опасност од молња, да врши самодијагностика, статистика, итн.“, ни објаснува Петре Ристески, основач на „Дарис инженеринг“ во 2014 година, инаку електроинженер кој на проблематиката на громобранска заштита и развој на овој тип производи работи повеќе од 13 години.

Ристески вели дека громобранот Веда Тотал е всушност првиот паметен громобран во светот и првиот громобран од македонско производство воопшто. Испитувањата на громобранот беа направени во меѓународната акредитирана лабораторија ICMET Craiova во Романија според меѓународни стандарди, а стекнатиот сертификат има валидност во сите држави во светот.

Громобраните на „Дарис инженеринг“ имаат добиено три златни медали на саемската манифестација Макинова (2013, 2014 и 2015 година), сребрен медал на меѓународната изложба за иновации во Нирнберг (Германија), бронзен медал со ликот на Никола Тесла од саемот на иновации во Белград и др.

На 26 април годинава, Веда Тотал беше прогласен за Патент на годината 2015 од страна на Државниот завод за индустриска сопственост.

 

Испрати коментар

Scroll To Top