Кој вели дека старата машина за перење е само за во депонија? Погледнете како овој корисен предмет е искористен во центарот на еден португалски град.
Машините за перење, односно нивните „барабани“ послужиле за да се направи улично осветлување за претстојниот фестивал „Сан Педро“ во португалскиот град Камара де Лобос.
Проектот со наслов „Сон на летната ноќ“ има за цел да ја разбуди еколошката свест за животната средина и да ги поттикне луѓето за повторна употреба на веќе користени производи и материјали.
Автор на проектот е „Театро Метафора“, млада непрофитна организација, формирана од страна на група пријатели, чија основна цел е преку визуелниот аспект да се поттикне зачувувањето на животната средина.
Првичниот план бил улицата да се осветли, а исто така и украси, со 100 „барабани“ од машини за перење, пронајдени на отпад.
Меѓутоа, кога чуле за идејата на проектот, луѓето почнале сами да донираат машини за перење, па така инсталацијата на ова интересно осветлување содржи вкупно 133 „барабани“.
Било потребно шест месеци работа и заедничка соработка меѓу групата волонтери и градските власти за да се спроведе проектот „Сон на летната ноќ“, пишува Kickerdaily.
Преку проектот „Сон на летната ноќ“ се покажа дека со малку креативност и многу волја од нешто што изгледа целосно неупотребливо, може да се создаде нешто магично во коешто ќе ужива цел град.