Плоштадот на Скендер-бег в година ќе се прошири и ќе го премости булеварот „Гоце Делчев“ за да се простре до МНТ. Градежните активности требаше да почнат летово, но тоа не се случи бидејќи сè уште не е обезбедена градежна дозвола. Досега комплетно е завршена првата фаза од проектот со која е направен дел од плоштадот, изградени се потпорните ѕидови и платото над дуќаните во Чаршијата.
Од општина Чаир велат дека втората фаза од проектот ќе почне напролет. Таа предвидува продолжување на плоштадот до зградата на Македонската опера и балет, односно ќе се изведува премостување на булеварот, а просторот ќе биде еден вид пешачка зона. По премостувањето во план е да се изведе подземен паркинг на две нивоа на местото на постојниот, како и да се уреди плоштадска површина во делот пред Тетовскиот државен универзитет.
Изведбата на градежните работи, односно целиот проект е финансиран од Општина Чаир и со пари од државниот буџет.