Со паролата „Демократско право е да имаме зеленило, да им оставиме иднина на нашите деца“, граѓани организирани од движењата „Зелено Тафталиџе“ и „Ние сме Карпош 4“, ја блокираа крстосницата кај „Сити мол“.
Бараат стопирање на новите Детално урбанистички планови за општина Карпош и нивно учество во носењето на вакви одлуки.
Со макети на дрва во рацете, жителите на Карпош мирно го започнаа „Маршот за зелен Карпош“, кој заврши во паркот на улицата „Букурешка“. Овде, во зеленилото каде треба да се гради нова зграда, е најавена јавна дискусија и маалска дружба за зачувување на зеленилото.
Уништувањето на еден од малкуте паркови во населбата, според жителите, е непромислен чекор на локалната власт.
Во паркот, жителите ги дискутираа нивните следни чекори, како и можните начини за нивно учество при носењето на вакви одлуки од страна на општината Општината. Доколку нивните барања не се исполнат, најавија дека ќе продолжат да го изразуваат својот револт и преку нови мерки.