Во многу земји крајот на годината се одбележува со сумирање на резултатите од претходната и прогласување на најдобриот објект во изминатата година. Повеќегодишна традиција во Швајцарија е да се бира секоја недела „Објект на неделата“ (Bаu der Woche) во текот на целата година. Во месец јануари од 54 објекти на неделата се бира објект на годината (Bau des Jahres). Резултатите и прогласувањето на „Објект на годината“, секогаш е на први февруари.
Оваа година, за објект на годината во Швајцарија е прогласено реконструираното основно училиште во местото Риен во Базел, проект на групата МЕТ-архитекти од Базел. Ова е прв нивни проект. Проектот за реконструкција на постојното основно училиште во Риен го добиле на анонимен архитектонски конкурс.
Основното училиште во Риен е проектирано од базелските архитекти Расер и Вади во далечната 1952-1953 година. Во времето кога е проектирано и изградено, училиштето претставувало нешто сосема ново и различно од дотогашните училишта, нов концепт за основно училиште. Училиштето е проектирано павилјониски, со голем училишен двор меѓу павилјоните и околу целиот објект.
До новата реконструкција училиштето функционирало така како што било првобитно изградено. Заради новите реформи во наставните програми и многуте години на неговата употреба, се јавила потреба за негова реконструкција, за што е распишан анонимен архитектонски конкурс.
Кубатурата на објектот е 24.400 м3, вкупните трошоци за реконструкција изнесуваат 18,5 милиони швајцарски франци, а цената по метар кубен за целата реконструкцијата е 650 швајцарски франци/м3. Сопственик на училиштето е Градот Базел.
Основен проблем на секоја наставна реформа се и прашањата што следуваат: ,,Дали е потребна и изградба на нов објект за реформираната настава? Дали постои можност да се адаптира постоен простор за новите потреби, па и да се додаде нов простор со нови содржини за задоволување на идните потреби, иако тоа не го бараат сопствениците или корисниците?
Во што е вредноста и големината на овој проект кој ја доби наградата Објект на годината 2015 во Швајцарија. Зад успешната реконструкција, секако стои одговорот на прашањето, како еден постоен објект со исклучителни архитеконски и историски вредности да се реконструира и осовремени, а воедно да претставува една кохерентна целина помеѓу старото и новото.
Често пред започнување со реконструкција на објект, архитектите си поставуваат и друго парашање, дали објектот треба комплетно да го смени изгледот и намената за која е проектиран и граден, за да ги задоволи новите пореби и барања. Ова се деликатни прашања кои си ги поставуваат архитектите, пред да се започне реконструкцијата на постоен објект, а особено ако објектот е валоризиран со историски и архитектонски вредности.
Групата МЕТ-архитекти се одлучиле и се обиделе, со голем ентузијазам и респект кон постоечката архитектура на основното училиште во Риен, објектот да го реконструираат за новите образовни програми, но сепак да имате впечаток дека тоа е истиот објект, реконструирано старо училиште со навидум ист изглед, но сосема современо, модерно и различно од постојното училиште.
На почетокот, при анализирањето на делото на Вади и Расер, архитектите констатирале дека објектот во времето кога бил проектиран и граден претставувал многу современ – павилјонски тип на училиште. Од анализата на просторите, конструкциите и вградените материјали на постојниот објект, констатирале дека може да се задржат постојните простори, изборот на основните градежни материјали и боите на надворешниот изглед – фасадата.
Волуменот на просторот и големината на просториите, особено основната единка – училницата, може да ги задоволат и новите барања за новите наставни програми. После сите анализи на постојниот објект, се одлучиле при реконструкцијата да продолжат да го користат архитектонскиот речник на постојниот објект, но и да додат нешто сосема ново. Одлучувачки фактор бил и резултатот од анализите, дека просторните инхерентни квалитети на објектот може да се користат и во иднина како една целина, и да не се рециклира и менува во целина целиот објект, само делумно каде е потребно.
Проектот за реконструкција нема многу промени во споредба со првобитниот проект во однос на диспозицијата на просториите, а волуменот на објектот е сосема ист. Во овој проект проблемот за новите наставни потреби и нови простори е решен со флексибилно користење на просторот за повеќе намени, повеќе можности да се менува само опремата според потребната активност или програма, но без структурни промени на и во објектот. Просторот за настава е организиран со идентична големина на единицата училница од постојниот објект. За задоволување на променливите потреби се менува опремата во единицата.
Објаснувањето на МЕТ-архитекти е дека со добро планиран дневен распоред и соодветна опрема може да се задоволат променливите образовни потреби. Успехот на проектот се должи и на успешната и доверлива соработка помеѓу архитектите, градителите, директорот и други претставници на училиштето.
Креацијата и дизајнот во објектот е впечатлива во ентериерот, изборот на опремата и партерното уредување во дворот на училиштето. Во заедничката работа со пејзажните архитекти, големите зелени простори околу училиштето, договорено е да се обноват со нови насади, но проектирани се и многу други скриени зелени површини во сутеренот на училиштето. Посебно обрнале внимание на одводнувањето на олуците и отворените поплочани површини и наводнувањето на зелените површини. Со неколку интервенции во приземјето и сутеренот, архитектите отворените простори ги направиле употребливи за настава на отворено и други активности, а со тоа тие всушност отворениот простор пред училницата го планираат да претставува проширување на внатрешниот затворен простор – училницата.
Секако и изборот на градежните материјали придонесува за успешноста на овој проект, особено во енетриерот. Архитектите се воделе од премисата при реконструкција на историска зграда со едноставен и неизменет надворешен изглед, важна карактеристика претставува шемата на интензивни бои во нејзината внатрешност, како контраст на едноставниот надворешен изглед. Употребени се 45 бои со различни нијанси на ѕидовите, подовите и плафоните во ентериерот, и применета е декорација темпера на гипс на повисоките места на ѕидовите и на некои од гипсаните плафони. Колоритот во ентериерот овозможува да се подобри атмосферата во училиштето и претставува мирен и пријатен простор за учениците и наставниот кадар.
Новите реформи во образованието се задоволени со успешната реконструкција на објектот, а самата инвестиција со конечната пресметка е како што е планирана, благодарение на успешната интервенција на архитектите и нивната идеја да се сочува сè што е добро, а да се интервенира само таму каде што е неопходно. Со тоа реконструираното училиште ќе може да ги задоволи барањата за основно образование и во наредните децении.
Вредноста на овој проект е во тоа што тој претставува одличен пример за реконструкција на постоечка зграда, но притоа се гледа и големиот респект кон нејзините историски и архитектонски вредности со нивно зачувување и нагласување. Објектот е реконструиран да ги задоволи новите образовни програми, но сепак после реконструкцијата имате впечаток дека тоа е истиот објект. МЕТ-архитекти успеале да ја реализираат својата идеја и да созададат старо-нов објект, односно постојното училиште да го осовременат и приспособат за новата реформирана наставна програма, а притоа сите историски и архитектонски вредности да ги искористат и потенцираат. Кога го гледате од надвор, имате впечаток дека тоа е истиот објект, но внатрешноста на училиштето кажува нешто спротивно. Старото и новото претставуваат една хармонична кохерентна целина.
Натка Ќосева, дипл.инж.арх.