Истекува рокот за увоз на половни патнички автомобили со стандарди Еуро 3. Од 1 јули ќе можат да се увезуваат само автомобили кои го исполнуваат минимум стандардот Еуро 4. Тоа, всушност, значи дека веќе нема да можат од странство да се набавуваат автомобили произведени пред 2005 година.
Се очекува, автомобилите од поновата генерација, кои се вклопуваат во повисоките стандарди, да придонесат за помало загадување на воздухот.
Но, податоците на Царината говорат дека само во првите два месеци од годинава во земјава биле увезени 4.209 употребувани патнички автомобили, што е речиси двојно повеќе од увозот во јануари и февруари минатата година, кога во земјава влегле 2.391 половни автомобили. Рекордна година по увоз на употребувани патнички автомобили беше 2010-та, кога беше олеснет увозот на половни автомобили со законски измени и кога во земјава влегоа над 51.000 автомобили со пониски стандарди од Еуро 4.