Под мотото „Поврзи ме со креативност – Hub me with creativity“ во трите фестивалски денови (од 9 до 11 јуни) на просторот на „Плаја Виста“, по петти пат ќе се реализира Фестивалот „Скопје Креатива 2016“.
Во рамките на проектот, обединувајќи ги креативците од земјава и Европа, посетителите ќе можат да проследат повеќе изложби, презентации, работилници, предавања, додека во вечерните часови ќе можат да уживаат во филмски проекции, видео и мултимедијални претставувања, концерти и музички перформанси на познати диџеи.Дел од програмата на овогодишниот Фестивал се веќе докажаните и реномирани уметници, креативци и професионалци во земјава и пошироко во регионот.
Ексклузивен гостин на овогодишниот Фестивал е Карл Малмвал (дизајнер за мебел), еден од најнаградуваните „ИКЕА“ дизајнери и мајстор за мали просторни решенија. Што се крие во паричникот на Карл Малмвал? Објектите што тој ги креира не ги опфаќаат само естетиката и функционалните барања, туку истите ги подготвува за нивна успешна изработка. Карл цела декада стекнува искуства работејќи за ИКЕА – осум години во Базел, три во Југоисточна Азија и една во Елмут. Тој се разбира во неколку работи поврзани со масовна продукција на мебел: Како дизајнот во рамките на финансиските лимити станува убаво и удобно столче? Каде се кријат клучните трошоци? Дали истите може да се редуцираат? Како мебелот соодветно да се спакува во пакетот за испорака? Секој оној што секојдневно се занимава со овие прашања станува доволно мудар за да се справува со нивното спроведување во однос на својот џеб. Карл се родил и израснал во Смеланд (предел во јужна Шведска). Пред сто години неговиот дедо, Карл Андерсон, започнал да ја работи познатата Јускварна – фабрика за мебел. Како студент на Школата за архитектура во Архус, Карл ја дизајнира масата Прима виста, модел кој му ги отвори вратите за влез во индустријата. Токму поради тој дизајн, тој ја доби својата прва награда за Одличен шведски дизајн.
Карл Малмвал ќе се претстави со свое Мастер клас предавање: „Од суров материјал до рециклирање, од ИКЕА до решенија за мали простори“.
Исто така, еден од овогодишните ексклузивни гости на Фестивалот е и Хајдулф Гернгрос од Виена, кој ќе има свој перформанс предавање насловено „Уметност на материјализирање“ со кое ќе демонстрира како да се материјализираат јазикот, мерките и пропорциите.
Хајдулф Гернгрос е роден во Котшах, Каринтија. Тој живее и работи во Виена. Го стекнува своето искуство на столар, на Феркшулхајм Фелбртал, преку совладување на знаење за размена, граматичка школа и општествен живот. Студира архитектура на универзитетот во Виена за технологија, каде што се соочува и учи од најимпресивниот учител, професор Шванцер. Нешто подоцна во животот на Гернгрос се случува битен импакт – изложбата Холејн-Пихлер во Стефансгалери Виена. Гернгрос завршува постдипломски студии по Урбан дизајн на УЦЛА во Лос Анџелес Калифорнија, во иста генерација со Питер Кук, Рон Херон, Арата Исозаки, Рејнер Бенем. Тој е на пракса во најголемата виенска приватна градежна фирма „Калингер“, а подоцна ѝ ја основа својата сопствена фирма „Гернгрос-Рихтер“.
На фестивалот, меѓу останатите, ќе се претстави и младата дизајнерка од Полска, Ана Лишч, која живее и работи во Варшава. Во 2015 година дипломирала на Академијата за ликовни уметности во Варшава. Своето дизајнерско искуство го стекнала во Полска, Израел и Португалија. Таа е инволвирана во развојот на стартап брендот М.А.М. Airbag/воздушни торби, фокусирани на производство на торби изработени од автомобилски воздушни перничиња.
Ана Лишч ќе се претстави со презентација за општествените аспекти и одржливоста во проектите. „Во мојата презентација би сакала да зборувам за одржливоста која се рефлектира во мојата работа, со презентирање на два проекта: Тапио/Tapio – сет на стаклени садови, во кои со користење на јаглен и глина се овозможува прочистување на водата, и M.A.M Airbag – торби направени од автомобилски спасоносни, воздушни перничиња.“
Во рамките на фестивалот со своја креативна работилница „Капана: креативен кварт“, ќе настапи и Ренета Георгиева од Бугарија. Проектот е иницијатива на Фондацијата Пловдив 2019, која цели кон активирање на потенцијалот на Капана, стар урбан предел во Пловдив, за користење на интегрирани активности кои ќе ја развиваат зоната во правец на прв кварт на креативните индустрии во земјата. Целта на проектот е Капана да се трансформира во меѓународна лабораторија и место за истражувања и експерименти, за иновации во доменот на креативните индустрии и културниот менаџмент.“
Ренета Георгиева, програмски и проектен експерт, Проект – Пловдив 2019. Таа магистира на Историја на модерна уметност. Нејзиното работно искуство произлегува од работата во Фондацијата за отворени уметности, на Ноќта на музеите таа работеше како куратор асистент и координатор на истоимениот проект, и како куратор асистент на разни галерии, вклучително и Градската уметничка галерија во Софија.
Македонскиот бренд за современа мода Лудус ќе ја прикаже новата колекција наменета за обата пола. Со наслов XYYX, колекцијата е составена од 20 парчиња изработени од висококвалитетни стопроцентно природни материјали како памук и ладна волна наменети за престојниот летен период. Боите во палетата се ограничени на црна и бела, а акцентот е ставен на скулптурниот пристап во моделирањето на парчињата. Тие се прочистени и минималистични, а мултифункционалоста е овозможена со приспособувачки додатоци скриени во внатрешноста.
Овие парчиња ги надополнуваат неколку форми на накит кои додаваат акценти од сина боја на белата и црната.
„Скопје креатива“ е проект – платформа за развој и поддршка на креативните индустрии во Скопје а е под покровителство на Град Скопје, во организацијата на ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје.
Повеќе информации за фестивалот и програмата на слендиов линк. За посети на презентациите и работилниците треба да се регистрирате на „Скопје креатива 2016“ на следниов линк. Посетите на презентациите и работилниците се бесплатни.