Приоритет на Македонија е да го подобри квалитетот на животот на своите граѓани, а во полето на енергетскиот сектор, тоа ќе се постигне преку политики кои се базираат на сигурност во снабдувањето, одржливост и конкурентност, со целенергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и заштита на животната средина, односно намалување на стакленичките гасови, информира Макфакс.
Ова го истана министерот за економија, Дритон Кучи, кој во петок, во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје, учествуваше на конференцијата „Енергетската сигурност и предизвиците на животната средина во земјите од западен Балкан, случај-Македонија“.
На конференцијата учествуваа и министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, заменик министерот за одбрана Беким Максути, професори и експерти.
„Главен приоритет на Република Македонија е да го подобри квалитетот на животот на своите граѓани. Овој приоритет се применува и во енергетскиот сектор, преку политики кои се базираат на три основни принципи и тоа: сигурност во снабдувањето, одржливост и конкурентност, а во насока на остварување на трите стратешки цели, и тоа: енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и заштита на животната средина, односно намалување на стакленичките гасови“, истакна во своето обраќање министерот Кучи.
Тој појасни дека со потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација, Македонија презеде обврски и во енергетскиот сектор за усогласување на националното законодавство со она на ЕУ, но и за либерализација и развој на пазарот на електрична енергија и негова интеграција во единствениот европски пазар, процес кој не е ниту едноставен, ниту краткотраен. Оттаму, одржаниот Самит на Западен Балкан во Виена, министерот Кучи го оцени како успешен, бидејќи од него произлезе заедничка Декларација за воспоставување на регионалната канцеларија за соработка на земјите од Западен Балкан и Агенда за поврзување, на која се наоѓаат проекти од висок приоритет, а во која се опфатени и т.н. меки енергетски мерки, и тоа: мерки кои се однесуваат на формирање на Берза за електрична енергија, мерки за прекугранично балансирање, мерки поврзани со регионална распределба на капацитети и вкрстени мерки.
Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети стави акцент на климатските промени и нивното влијание врз енергијата, економијата и општеството. Според него, енергетската сигурност не може да се разгледува без земање предвид на долгорочните сценарија од промените на климата, особено заради поврзаноста помеѓу производството на енергија од обновливите извори на енергија и хидропотенцијалот, а потребите кои произлегуваат од законодавството на ЕУ во делот за клима и енергија се веќе поставени како цели во стратешки и плански документи на национално ниво.
„Потребно е и дефинирање на заедничките регионални интереси од оваа област и поставување на регионална рамка за адресирање на правилни одговори од аспект на идното полноправно членство во ЕУ. Во ЕУ гледаме партнер за реализација на целите, и сметаме на нивна континуирана поддршка на нашите капацитети“, рече Амети.
Според заменик министерот за одбрана Беким Максути, за обезбедување на енергетска сигурност потребно е поголема разнообразност на енергетските извори по видови и снабдувачи, како и активно учество на регионалниот енергетски пазар и европската енергетска заедница.
„Денес Република Македонија се наоѓа во постабилно и предвидливо соседство, испреплетено во ЕУ и НАТО интегративните процеси. Како таква, земјата во голема мера ги споделува повеќето грижи кои ги засегаат останатите европски држави. Обезбедувањето на различни енергенси, а со тоа и енергетска сигурност на државата е стратешки приоритет на оваа Влада“, рече Максути.