Долго размислував дали вреди сега да се дебатира и пишува за политичкиот проект Скопје 2014, зашто триумфот на политиката и поразот на урбанистите и архитектите се евидентни. Дали е возможно да се дебатира со владината машинерија, со платени индвидуалци од сите области, со набрзина новооформените ,,невладини здруженија и организации,, се разбира и тие добро платени, и не сакаат да слушнат за поинаква размисла, а камоли да дебатираат аргументирано и цивилизациски.
Целата архитектонска и урбанистичка фела е поразена, но мислам дека времето ќе покаже дека најмногу ќе бидат понижени и засрамени нашите колеги архитекти и урбанисти кои станаа поданици на власта само од нивни лични интереси, за кои сакам патем да кажам дека сум имал и високо мислење за нивниот придонес во архитектурата и урбанизамот.
Сепак се одлучив за ова кратко писание (за ова треба многу да се пишува), за да го искажам моето воодушевување и поддршка за визијата на младоста на Скопје -„Архи- бригада“ и ,,Плоштад Слобода". Убеден сум дека нивната борба, заложбите, ќотекот што го изедоа, ќе придонесат за нова младост и свемирска визија за Скопје и македонската архитектура и урбанизам воопшто, исто онака како што го направи Јан Палах за демократизацијата на источниот блок, посебно за неговта земја Чехословачка. И едниот и другиот чин е повик на човековата совест и морал за вистината, праведноста и хумананоста. Овие сподвижници и во првиот и во вториот случај беа осамени, за подоцна да им се приклучува пошироката јавност.
На овој текст ме потикнаа и претсмртните зборови на Ричард Бакминстер Фулер светскиот самоук архитект, инженер, пронаоѓач, математичар, филозоф, картограф, научник, поет, дизајнер и пред сè непоправлив визионер и оптимист, искажани на 21 јуни 1983: ."На архитектите лежи извонредна одговорност – тие навистина се одговорни работите да ги спојуваат. Драги пријатели, сакам да разберете дека во ерата на специјализација, архитектот е сè што имаме, единствено тој има работа со сите, меѓутоа не можевме многу да влијаеме, затоа што се вртат големи пари… Морате навистина да настојувате и да видите со апсолутна чесност, што се случува надвор. Да видите што сака да направи еволуцијата. Што настојува вселената да направи."
Секој мора да признае дека идејата за изградба во центарот на Скопје е одлична, но содржината на проектот и реализацијата се лоши, со исклучок на поедини објекти како на пример објектот на Македонската филхармонија. Одбивност нема од ничија страна, но повиканите мора да признаат дека проектот се тераше набрзина и скришум, без да се отвори претходно широка дебата и да се консултира целокупната културна и стручна фела, сите стручни асоцијации, здруженија и пошироката јавност. Проектот е грандиозен, бројот на објекти, инфраструктура, споменици и скулптури е голем, и кога ќе се погледне нереалната дигитална визуелизација може слободно да се констатира дека нема да имаме плоштад и центар како што треба да изгледа во третиот милениум. Врвните наши и странски урбанисти, архитекти, ликовни уметници, скулптори, филозофи и социолози, ниту беа повикани, ниту консултирани за срцето на градот, за градот на солидарноста и младоста. Во најтесен круг и покрај формалното запазување на некои процедури, како да се работи за некоја паланка, а не за идентитет на еден главен град, држава, односно национален идентитет, нетранспарентно се почна овој проект, а времето ќе покаже како ќе заврши.
Нарачателите на проектот и проектантите не сакаат да има архитектонска критика, не сакаат да разберат дека заемноста на архитектонските дела и критиката е постојана и таа го означува сложениот процес на состојбата на културниот дух во одредено време. Мора да разбереме дека критичката мисла за објектите и спомениците, ги оплодува делата и без критичка мисла за нив нема ни добри дела. Во овој проект ги нема деталите што, на граѓаните на Скопје, им го одредува однесувањето, расположението, желбите, барањата, чукањeто на срцето и разумот. Архитектурата на центарот на Скопје не смее да се заврши со еден проект, не смее да застарува, таа треба да се оплодува секогаш со нов однос кон поединецот и општеството. Нејсе, можеби со новите градби ќе имаме илјадници посетители, но не заради неговите естетски и други вредности, туку само да се види нешто ново што се изградило, а напротив ќе доминираат: невкусот на една промашена урбанистичка концепција, мешањето на разни ,,стилови,, меѓусебниот несооднос на архитектонските објекти, катастрофалното силуетно дејство на спомениците и скулптурите, бројните урбанистички проблеми, враќање во минатото (дали е проектот реконструкција, конзервација, обнова …) заборавениот естетски впечаток наспроти големината на спомениците и објектите, измешаните пешачки патеки, сообраќајници, немањето емоционалност и блискост за секој консумент.
Се надевам дека новата ера и визија на младите инвентивни и борбени архитекти од Скопје и цела Македонија е факт и остварлива, таа е родена без политичкото да или не.
Косто Граоркоски, дипл.инж.арх.