Со цел да направат што поевтин и полесен мал градски автомобил, Јапонците дошле на необична идеја да креираат каросерија од ткаенина која се користи за тенди и церади.
Јапонците поради недостаток на простор во тесните и пренаселени градови, се често принудени на економски и ефективни решенија од секој аспект на живеењето.
Да се сетиме само на нивните „микро“ хотелски соби во форма на капсули во кои се влегува со ползење на сите четири или коцкастите „кеи“ возила кои се замислени со минимални надворешни димензии да се добие максимална употребливост во кабината.
Најновиот изум од Земјата на изгрејсонцето е малото електрично возило четири „Римоно“, коешто има форма на автомобил и волан на мотоцикл.
Најинтерасна е надворешноста на возилото, која е направена од специјален тип на водоотпорно платно.
Возилото кое е дизајнирано од јапонскиот дизајнер Кота Незу, долго е само 2,2 метри, може да превезува тројца патници во конфигурацијата на седиштата 1 + 2.
За погон користи електромотор од 6,8 HP (5 kW), кој се напојува со струја од литиум-јонска батерија со капацитет од 4 kWh.
„Римоно“ е во состојба да развие максимална брзина од 45 km/h, а со едно полнење на батеријата може да помине и до 50 километри. Конструкторите најавија дека во сериската верзија на автомобилот ќе овозможат лесна замена на батеријата, така што наместо испразнетата, корисникот може лесно во возилото да стави целосно наполнета батерија.
Се очекува „Римоно“ да влезе во сериско производство во лето во 2017 година.
Извор: Motor1.com