Поводот за моето размислување на темата триумфални порти е секако нејзиното предвидување во урбанистичкиот план на центарот на нашиот главен град.
Затоа ќе напишам нешто за оваа тема која во моментов го окупира вниманието, како на архитектите, така и на пошироката јавност.
Триумфални порти
Триумфалните порти се архитектонски споменици кои се градат во чест на големи победи. Во минатото се подигале по повод свечените влегувања на победителите и на нивните армии. Поводот за нивна изградба можел да биде и друг настан, на пример почнување на нови големи јавни работи, како патишта, мостови, градби на пристаништа и др.
Се поставуваат при влезовите во градовите, на мостови или на големи улици.
Триумфалните порти и столбови, градени низ историјата, претставуваат вистински сведоци на постоењето на минатите царства и на нивната благосостојба.
Како архитектонски форми се среќаваат со времен или постојан карактер.
Имаат еден, три или повеќе отвори кои се покриени со полуцилиндрични сводови. Завршуваат со атика украсена со скулптури, релјефи и натписи во спомен на тоа или на тој, на кој се посветени.
Најстарите триумфални порти низ историјата на архитектурата
Триумфалните порти се појавиле во стариот Рим. Се чини дека имале свои прототипови во градските порти на етрурските тврдини.
Интересно е што славниот римски архитект Витрувие, кој пишувал за архитектурата на Рим во првиот век на нашата ера, не ги спомнува во своите книги.
Во прво време биле градени од дрво, обложени со обоено платно и украсени со венци од цвеќе и разни трофеи. Се поставувале преку улицата по која поминувала свечената поворка. По завршување на свеченоста биле рушени.
За време на Римското царство овие привремени декорации прераснале во постојани градби, монументални споменици, градени од цврст и скапоцен материјал. Отворите што се користеле за пешачки или колски сообраќај биле засводени со полуцилиндрични сводови. Покрај отворите се наоѓаат столбови и релјефни украси. Столбовите го носат целиот главен венец, а над него е висока атика со скулптури и натписи. Како завршница, над атиката, на платформата на монументот, обично се наоѓа во бронза изработена скулптура на тој, на кој е посветена триумфалната порта.
Познати триумфални порти од овој период кои се истакнуваат со својата убавина се Титусовата, подигната во Рим (81 год.) во спомен на заземањето на Ерусалим, триумфалната порта на Септим Север изградена 203 година во Рим, Константиновата порта подигната околу 315 година во Рим, Сергиевата триумфална порта изградена во III век во Пула и др.
Популарни триумфални порти во Париз
Во Франција има изградено повеќе триумфални порти. Меѓу најпознатите се: Arc de Triomphe de l’ Etoile и Arc de Triomphe du Carrousel во Париз. Тие се грандиозен симбол на империјалната епоха на Франција. Доминираат со својата убавина и местоположба. Изградени се во времето на Наполеон, во чест на неговата армија и нејзините воени победи.
Влијанието на Античката уметност во тој период било големо. Како резултат на тоа изградени се низа објекти, копии на римските споменици.
Arc de Triomphe de l’ Etoile е меѓу најголемите триумфални порти во светот.
Нејзината урбанистичка поставеност е импресивна. Се наоѓа во центарот на една ѕвездеста форма на 12 радиално распространети авении. Од тука е најубавиот поглед по должината на славната авенија Champs Elysees, се до малата Arc de Triomphe du Carrousel, во градината Tuileries.
Плановите за Arc de Triomphe de l’ Etoile ги изработил Chalgrin (1739 – 1811), но починал пред да се завршат работите што биле комплетирани 1833 година. Официјално била отворена 1836 година од Францускиот крал Louis-Philippe.
На нејзината источна страна, која се отвора кон прекрасната авенија Champs Elysees, се наоѓа најславниот скулптурален релјеф La Marseillaise (1833-1836), изработен од Franscois Rude. Arc de Triomphe de l’ Etoile има импозантни димензии од 49.5 м висина и претставува значаен споменик на романтичниот неокласицизам на 18 век.
Arc de Triomphe du Carrousel е лоцирана на плоштадот Carrousel. Била дизајнирана од Charles Percier i Pierre Francois Leonard Fontaine. Изградена е помеѓу 1806 и 1808 година од императорот Наполеон I, по моделот на триумфалната порта на Константин изградена во 315 година. Нејзината височина е 19 м, ширината е 23 м и длабочина 7.3 м. Централната арка е висока 6.4 м, а двете странични помали арки се по 4.3 м. Од надворешна страна се појавуваат осум елегантни коринтски столбови од гранит, и прекрасно декорирани релјефи во розе мермер.
Ако се погледне на запад, Arc de Triomphe du Carrousel е поставена во перфектна линија со обелискот на Place de la Concorde, Champs Elysees, Arc de Triomphe de l’ Etoile и Grand Arche de la Defense. Линија која отвора извонредни визури и перспективи, погледи на големина, пространственост и убавина. Погледи кои на Париз заслужено му го носат епитетот на еден од најубавите градови на светот.
Популарни триумфални порти во Москва
Триумфалните порти во Русија прв започнал да ги гради Петар Велики. Се граделе во чест на свечениот влез во престолнината на неговите војски и нивните војсководители.
Првата била изградена во 1696 година по враќањето од битките за заземање на градот Азов. Во тој период во Москва биле изградени три порти: во Заиконоспаскиот манастир, Илинските порти и Мјасницки порти. Сите биле украсени живописно со алегорични фигури, статуи и соодветни натписи.
Во Русија, низ историјата, по разни значајни настани, биле изградени и многу
други триумфални порти.
Во Москва на Кутузовскиот проспект, се наоѓа славната Триумфална порта посветена на Татковинската војна. Првата Триумфална порта била дрвена. Поставена е 1817 година, во чест на свеченото доаѓање на победничката руска војска која се враќала од Париз, по нивната победа над Францускиот император Наполеон. Во 1834 година била заменета со извонредното дело на архитектот Осип Бове и скулпторите Иван Витали и Иван Тимофеев.
Посебно монументално, свечено и воедно префинето, во стилот на ампир, делуваат шесте пара на 12 метарските столбови, помеѓу нив поставените статуи на руските војници и релјефите „Протерувањето на Французите“, „Ослободувањето на Москва“ и други. Во 1968 година Триумфалната порта е обновена според сочуваните фрагменти, цртежи и скици. Денес, со сета своја убавина гордо стои на крајот на Кутузовскиот проспект, на Поклонаја Гора, блиску до музејот – панорама на Бородинската битка. Околу Триумфалната порта е уреден голем плоштад, наречен Плоштад на Победата.
По повод победата на СССР, за влегувањето на Црвената армија во Санкт-Петербург во 1945 година, биле изградени три триумфални порти. Се сметале за времени објекти и после три години биле отсртанети. Во тек е иницијатива да се обнови една од нив.
Триумфалните порти низ светот
Триумфалните порти како монументални архитектонски споменици се среќаваат насекаде во светот. Во многу земји тие ги величаат победите над војните, нивните војсководители, владетели или други значајни настани или победи.
Од нивното прво појавување за време на Римската империја, портите биле градени во голем број насекаде во светот. Во четвртиот век само во Рим биле изградени триесет и шест. Сочувани се само пет од нив.
Помеѓу 15 и 19 век, големите кралеви и императори во знак на својата големина изградиле многу триумфални порти. Се граделе главно под влијание на Римската традиција. Градени се во Велика Британија, Шпанија, Алжир, Бугарија, Хрватска, Романија, Полска, Португалија, Унгарија, Украина, Турција, Канада, САД, Мексико, Австралија и во многу други земји.
Изградбата на La Grand Arch de la Defense во Париз, се доживува како Триумфална порта на дваесетиот век. Таа претставува повеќе монумент на хумани и хуманитарни идеи, отколку монумент на воени победи. Нејзината изградба ја иницирал францускиот претседател Митеран. Ја дизајнирал данскиот архитект Johann Otto van Spreckelson (1929 – 1987), со данскиот инженер Erik Reitzel. Конструкцијата е почната 1985 г., а завршена 1989 г. Нејзината структура делува како четиридимензионален хиперкубус, проектиран во тродимензионален свет. Изградена е со современ архитектонски израз, со материјали и форми карактеристични за современата архитектура на ХХ век. Таа е со огромни димензии ( ширина 108 м, висина 110 м и длабочина 112 м). Проектирана е во форма на кубус, чиј средишен дел е празен. Во горната и двете бочни срани поставени се деловни простории. Празниот, средишниот дел, го претставува отворот на оваа огромна триумфална порта.
Лоцирана е во новиот ултрамодерен дел на градот, Defense. Погледот од врвот ја потенцира нејзината извонредна урбанистичка поставеност во линијата Grand Arche de la Defense, Arc de Triomphe de l’ Etoile, Champs Elysees, обелискот на Place de la Concorde и Arc de Triomphe du Carrousel.
Ја потенцира нејзината поврзаност со традицијата, градена низ многу векови и отвора чудесен, единствен поглед кон срцето на прекрасниот Париз.
Примерот на изградбата на Grand Arche de la Defense во Париз, или едноставно La Grande Arche, како современа триумфална порта на XX век, зборува дека и градбата на овие објекти може да биде успешна ако го отсликува своето време, ако се вклопи во својта традиција и во своето поднебје. Во тој случај може да биде и да остане архитектонски споменик на земјата и времето во кое е создадена.
Триумфална порта во Скопје
Поставувањето на Триумфална порта во урбанистичкиот план на центарот на Скопје, е интересна идеја, која отвара повеќе прашања и дилеми.
Прашањата како, дали е потребна изградба на еден ваков архитектонски споменик, кое е најсоодветно место за неговото поставување, каква треба да биде неговата форма, стил и многу други, се наметнуваат со својата актуелност и заслужуваат одговор.
Одговорот треба да се бара во една поширока дебата помеѓу изготвувачите на урбанистичкиот план, архитектонската јавност и секако, жителите на Скопје.
А кој би бил поводот за нејзината изградба?
Ако размислам, има повеќе. Може да биде порта во чест на нашето постоење, нашиот развој, нашиот просперитет, нашата хуманост. Порта на мирот. Порта која ќе ги симболизира сите вредности на нашето време. Порта за нашиот влез во XXI век.
Но, вистинското прашање е дали во овој момент на нашата економска реалност ни е потребен ваков архитектонски споменик. Ако се направи листа на приоритетни објекти кои треба да се финансираат, сигурно изградбата на триумфална порта нема да биде на врвот на приоритетите.
Љупка Дуковска, дипл. инж.арх.