Насловна / Форум / Злостор перфидно сокриен зад гламурозноста на историските некрополи

Злостор перфидно сокриен зад гламурозноста на историските некрополи

Каде е мерката на архитектурата во времево и просторов? Или, во општеството на бесконечните спектакли естетскиот шарм ќе биде насекаде, каде-било-кога-било

 

проф. д-р Тихомир Стојков, архитект

 

Без некоја особена емоција или волја на почетокот на оваа, досега невидена расправија за просторот во кој битисуваме, во обид барем ладнокрвно да се преживее сето тоа, сепак на крајот се зафатив со овие редови поттикнат за момент од сеќавањето на еден текст што го напишав во 1999 година под наслов “Глобализацијата и културата на неместо”.

Тој текст како еден од неколкуте што ги напишав претходно беше основа на предавањето што го одржав истата година на Летната школа по архитектура. Подоцна, во 2007 година, истиот беше објавен во “Портал – Гласник на мекедонските духовни конаци, бр.21-22. Всушност, текстот произлезе како еден вид асоцијација на две нешта; книгата на Jean Francois Leotard -”The Post Modern Condition” (1979) што ја имав читано во 80-тите, и од некои (архитектонски) случувања во Скопје во 90-тите. Инаку, оваа книга своевремено предизвика мошне голем интерес со оглед на авторитетот на авторот и  неговата целосна посветеност кон (теориска) поддршка на идеите на, како што тогаш сите милуваа да ја нарекувааат, Постмодерната (архитектура).


Големиот интердисциплинаран импакт на постмодернизмот, еве по повеќе од триесет години од неговата феноменолошка ферментација, конечно и кај нас како да го потврдува сомнежот во бенигноста на неговата, толку помпезно најавувана претенциозност на значајна пресвртна  локација во културата и архитектурата на XX век. Тоа го потврдуваат актуелните лавини од расправи, дискурси и соочувања кои чинам, не ќе остават трага само врз архитектурата ами многу, многу пошироко.


Сомнежот дека историскиот циклус на постмодернизмот конечно и кај нас е доведен до крај (иако некои од нас очигледно сe уште се обидуваат да го именуваат како “ново постмодерно време”, “нов постмодерен позитивизам”), се потврдува и со магнитудата на овие случувања неизбежно поместени во локалниот политички “постмодернистички амбиент и неговата ноторна детерминираност да се проектира врз севкупнопста на нашата хронично скудна живеачка.
И сега зачудува напливот и еуфоријата на идиосинкратични идеи громогласно поткрепувани од “сознанието” дека конечно и овде се создадоа услови радикално да се реформулираат статусот и знаењето во создавањето на современа градска архитектура во целина; од гледањето на проектот како проекција на новото know-how до проблематичната естетско-филозофска иконогарфија, во функција на деградирање и бламирање на досегашната архитектура поради нејзиното “сивило”, “догматичност”, “неинвентивност” и  “стереотипна современа типологија… “


За потсетување, слични напливи од невообичаени “авангардни” движења во 80-тите во Европа и светот беа ставени во функција на потребата спектакуларно да се реализира рушењето на модерната преку деконструкција на нејзините кодови, преку дислокација, децентрализација и демистификација на поредокот на нејзините историски, културни референци, поредокот на нештата и нивното општествено значење… Нагласувањето на значењето на фрагментите и прогласувањето на историската фрагментација како методолошка неминовност при одмерувањето на вредностите на “постмодерната архитектура низ интерпретација или реинтерпретација на одредени историски кодови и знаци (нова архитектонска семантика), доведоа всушност до хибридизација дури и на поетското во архитектурата, до статус на карневалсака иконографија (карневализација), на простор без мерка и димензија, еден вид на глобален Лас Вегас или Дизниленд. Се разбира, дел од генерацијата помлади архитекти од тоа време и кај нас беше опиена од идеите и делата на Роберт Вентури, Рикардо Бофил, Алдо Роси, браќата Роб и Леон Криер и се разбира, нивните теориски дискурси поткрепени со оние на Кристофер Александер и Чарлс Џенкс. Тие станаа еден вид библија и згодна интелектуална платформа за расправи и размислувања. За (не)среќа, во тоа време во СРМ тешко дека од сето тоа нешто реално можеше да се реализира “за однапред”.


Таа шанса изгледа конечно се отвори со транзициониот синдром по 1992 година кога и настана конечното разидување на апологетите и противниците во сегашнава расправија, за жал, не во идеите ами во начинот на кој едните или другите, сеедно, мислеа дека од сето тоа конечно ќе поентираат, за градот, за нивните моќни спонзори и се разбира, за себе. Всушност, сe започна со случајот на несудениот хотел “Шератон на Плоштадот за времено да заврши со неопходноста пренесена низ цртежите за “новите пореферентни и порафинирани” интервенции и интерпелации во Малиот ринг на “старо Скопје во новото Скопје”, достојни за една идна престолнина каква што требаше да стане Скопје на патот кон Европа.   

 
Сега, кога и боговите и авторите се симнати, задоцнетиот постмодернизам од едната или другата страна, сеедно, како да се откажува дури и од традиционалното себе си опкружен со иконографијата на “новите знаци”. Но субверзивната моќ на ова современо его ја доведува целината на градскиот културен простор (архитектурата) пред еден несовладлив, метафизички и самореферентен лавиринт како “безалтернативен концепт”. Пред него, самото его станува најзначајниот дел од текстот – постмодерниот текст. Така, ни театарот веќе не мора да биде поетско место, ами само простор без особена димензија и мерка, без сценографија: во него новата “постмодерна култура” ќе се претставува самата себеси во претстава во која имагинацијата и реалноста ќе станат фикција, своевиден самоспектакал како што тоа еднаш го нарече францускиот филозоф и естетичар  Јаљуес Деборд.


Значи, и уметноста се артифициелизира, препуштајќи се потполно во рацете на виртуелната естетика – машина со несогледлива креативна моќ за генерирање и продукција на небројни комбинации и идеи, главно неконсеквентни, но погодни за брза, речиси моментална употреба во еден своевиден отворен систем без мерки и деимнзии кои како да произлегуваат од самите себе – од секаде и од никаде. Според ваквите “локални” модели веќе е забележливо трансформирањето и на севкупниот урбан простор на градот како своевидна прифатлива формула за сите, еден вид на антимодел на стабилните системи заснован врз разлики и дисконтинуитет на традиционалните мерки и мерни вредности. Иако сам по себе овој систем е апсолутно контрадикторен, тој за жал, изгледа прифатлив за обичниот граѓанин поради неговата прагматичност и ефектност во времето во кое се нема време да се доразберат нештата зашто и така сe пребрзо се менува, како слики на забрзан филм.


Затоа, покрај сета тегобност на оваа состојба, сосем е логично барем да си го поставиме прашањето: како е можно да се контролира овој перфиден систем на инерција започнат многу порано, во 90-те, во поширокиот простор на градот со смислена дерегулација на градските институции кои професионално требаше да се бават со стратегиите за планирање и негово обликување? Или на пример, како можеа да се избегнат колосалните хибриди во архитектурата на станбените објекти, незаситната потреба за архитектонизација на јавниот и другиот простор и да не се проценат импликациите од сето тоа? Се разбира, не само на Плоштадот.
И после сe, некои (како Jean Francois Letard!?) сe уште тврдат дека  постмодернизмот е историска категорија која што всушност е апликативна и кај нас, а не само во развиениот капиталистички свет, што секако е огромна заблуда ако се има на ум магнитудата со која всушност тој го опчекорува нашиот градски простор како репресија што ја чувствуваме од ден на ден токму ние граѓаните кои не припаѓаме ни лево, ни десно. Парадоксот е уште поизразен ако се има на ум фактот што во тој т.н. развиен западен свет прашањето на преживување е далеку од тоа да биде биолошко, ами дека тоа е прашање на петрификација на огромната моќ што тој свет всушност ја создал врз перфидната историска злоупотреба и употреба на највиталните супстанци на кревката и девствена наивност на оние другите. Се разбира, злосторот е перфидно сокриен зад гламурозноста на историските некрополи предвидени да бидат последниот жртвеник врз кого доброволно ќе бидат положени и оние што сe уште веруваат во либретото на ваквите макевијалистички претстави, дури и во нашава бескрајно долга транзициска двочинка во која треба, еве сега, да се претстави и еден крајно несмасно напишан постмодерен есперанто. Нешто што своевремно го навести големиот руски сликар Иља Глазунов во еден коментар за модерниот урбанизам на Москва заговаран во 30-тите години и за жал, силно поддржуван од гостинот Ле Корбизије. Овие проекти тој ги нарече споменици на препродавачите на функционални урбани монструми и небулозни утопии со кои требаше да се избришат трагите на сe она што е традиционално и восприемливо за обичниот човек.


Всушност, фикциите што подолго време се фабрикуваат во нашиот градски простор и од лево и од десно како архитектура или градоградби, не претставуваат никакво толкување на настаните од минатото или, не дај Боже, иднината. Тие форми, речено со јазикот на Кант, се комплетно непристапни и затоа функционално непостоечки во сегашноста.


Сторијата за задоцнетиот и недоветно интерпретиран “постмодернизам” како своевиден и никогаш докрај напишан манифест започнала значи поодамна, во 90-тите, со една перфидна идеја дека поголемиот дел од локалната градска или сеедно која популација, претходно ќе биде добро обработен и однегуван како дигестивен материјал кој треба да ги одржува ваквите творби. Најголемиот дел од оваа популација всушност дури и нема(ше) време да размислува како ќе преживее ами само да преживее во просторот кога-било-каде-било, на траекториите на колосалните секојдневни градски миграции исток-запад, без место и идентитет. Замислата на овој проект тешко дека ќе има дофатливи или согледливи консеквентни параметри зашто едноставно, не ќе има време за такво нешто. Единствена мерка веројатно ќе бидат илјадниците педантно и ефектно поставени билборди на миграционите траектории на кои ќе бидат насликани формулите за успех на луѓето од светот на кога-било-каде-било. Проектите на ваквите градови за жал, се прават надвор од секаква традиционално препознатлива градска територија.


И така, во времево помеѓу времињата, во хроничниот недостаток на време, простор и визија, во разретчениот воздух без ветка за здив, како да лебди сомнежот и кон двете опции. Значи, што ќе се случи ако илузијата за минатото скаменто во сегашноста се претвори во кулминација и перпетуум мобиле на минатото и тоа не само како градби и градоградби?


Оттука чинам дека прашањето за разрешување на оваа ситуација е многу повеќе прашање дали Скопје после сe воопшто може да изгради еден попрецизен културен систем за (урбано) живеење и делување во град разбран многу пошироко од опсегот на транзицискиот менталитет заснован на априори задоволување на личниот ситен или крупен интерес, или суета сеедно. Современ град Скопје без таков простор создаден надвод од “моменталните трендови” не ќе може уште догледно време да се верификува како град ниту пред своите граѓани, ниту пред светот. Притоа, линеарното размислување или просудување според системот
про ет цонтра подреден на перфидноста при одредувањето и класифицирањето на оние што се надвор од него на подобни-неподобни, односно недостојни да бидат преброени во евентуалниот епилог, ќе внесе уште поголема конфузија во оваа бескрајна и досадна транзициска двочинка.
Каде лежи зајакот?

Испрати коментар

Scroll To Top