Динамичниот живот кој станува се побрз и подреден на работните обврски се повеќе не насочува да размислуваме за воведување на нова содржина во рамките на домот. Покрај вообичаените простории и содржини во домот, се позастапена и домашната работна соба без оглед на тоа колку мал или колку голем е домот.
Овој стан е пример на одличен дизајн кој се карактеризира со чисти и јасни површини, едноставно обработени или обоени. Дневниот простор се состои од седечка гарнитура фокусирана кон телевизорот. Гарнитурата и тепихот се обоени во светли и темни тонови на сива, додека пак ѕидот каде се наоѓа телевизорот е материјализиран во истиот материјал од подот, кој „протекува“ и продолжува од една во друга површина.
Интересен детал во дневната соба е уметничката слика која овој пат е неконвенционално поставена, потпрена на ѕидот. Истата оваа слика му дава одредена динамика на целиот простор.
Големата употреба на дрвото, како во дневната соба, се прелева и во кујната, па така речиси целата кујна е материјализирана во дрво, а на овој впечаток се надоврзува и трпезариската маса со столици кои се изведени од полно дрво.
Работнаа соба е материјализирана по истите принципи како и остатокот од овој стан, па така овој простор претставува одлично креативно катче каде станарите во мир и тишина би можеле да ги завршат своите работни обврски.