Насловна / Арт и дизајн / „Имагинарен град“ на Александар Наумчески во „Јавна соба“

„Имагинарен град“ на Александар Наумчески во „Јавна соба“

Во четврток (19 мај) во 20 часот во просториите на „Јавна соба“ (Public Room), ќе биде отворена изложба на фотографии „Имагинарен град“ на авторот Александар Наумчески.imaginaren grad_5

Изложбата е во организација на ААМ и е настан во рамките на 18. Биенале на македонска архитектура – БИМАС 2016.

Како составен дел на БИМАС 2016, проектот „Имагинарен град“ на архитектот и фотограф Александар Наумчески, ја следи главната тема на Биеналето, „Рециклирана архитектура“. Градот и архитектурата се подложни на постојани промени со текот на времето, во состојба без конечна, заклучена форма, динамични системи со подеми и падови.

Неретко заради промените, било да се општествени, политички, културолошки или економски, објектите и нивната функција стануваат непотребни, надминати, неисплатливи. Тогаш, или се заменуваат со нови, развој кој може да зафати и поголеми рамки на урбана четврт која се трансформира во форма, структура и функција, или објектот ја задржува старата форма вдомувајќи во себе нова функција. Градот е во постојана состојба на рециклирање, реоформување, редефинирање. Нашите сеќавања за градот се фрагменти, просторни и временски исечоци, инсерти. imaginaren grad_3

„Имагинарен град“ е серија од генерирани урбани сцени и детали настанати со преработка на кадри фотографирани во повеќе градови. Фотозаписот настанат при фотографирањето на различните локации служи како алатка во креирање на нови архитектонски/графички решенија. Процесот претставува своевидно проектирање преку фотографија.

„Имагинарен град“ нуди визуелно искуство од сцени и фрагменти кои секојдневно ги среќаваме, гледаме, (не) ги забележуваме, одминуваме, и е предизвик за публиката за идентификација и препознавање на оригиналните мотиви.

„Имагинарен град“ се фокусира и на аспектите на динамика наспроти статичност на градот. Во неколку серии, кои се дел од проектот, обработени се темите: промени, развој, згуснување, растење, мултипликација и повторување.imaginaren grad_2

Александар Наумчески е роден во Скопје 1975 година, а дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје. Професионално се занимава со архитектура. Основач-партнер е на „Радиус Архитекти“. Негова втора страст е фотографијата, во која главна тема е архитектурата. Композицијата, просторот и светлината се поврзувачките нишки кои ги пронаоѓа помеѓу архитектурата и фотографијата. Едноставноста на композицијата, чистиот геометриски израз и графичката експресија се концептите што ги практикува и во двете области на неговата работа.imaginaren grad_1

Испрати коментар

Scroll To Top