Дијана Мицковиќ, дипл.инж. арх
Како млад македонски архитект, создавам и поддржувам современа архитектура која е резултат на анализи, идеи и пропорции. Притоа создавам македонска архитектура во која човекот е мерка на сè. Создавам архитектура која може да ја прими и да ја негува локалната реалност, создавам и поддржувам архитектура која е решение на потребите и архитектура која со себе знае да понесе понекоја мудрост од архитектурата во минатото, но и да покаже визија за архитектурата во иднина.
Наспроти моите убедувања секојдневно околу себе гледам хаос. Гледам како просторот се разградува и се дегенерира, како “После 100 години Самотија”. Приватното станува јавно, општественото станува приватно, индивидуалното станува колективно, гаражите стануваат кафеани, парковите стануваат паркиралишта, паркиралиштата стануваат трговски центри но ние ги нарекуваме катни гаражи, тротоарите стануваат летни тераси…сè станува една грда слика. Секојдневно гледам сè повеќе квадратура, а сè помалку идеи, секојдневно гледам како изграденото наместо да го олеснува урбаниот живот тоа го отежнува и го попречува. Додека се протнувам меѓу автомобилите паркирани по тротоарите, си го барам патот преку калта во нереализираните тревници, паркови и пропаднатите улици и притоа се плашам дека сè уште не сфативме дека пазарна, општествена, национална и социјална вредност има изграденото само доколку покрај него и во негова функција е неизграденото. Болката секојдневно растеше затоа што не можев да препознаам знаци во просторот што ќе покажат колективно закрепнување и развивање на колективна свест за суштинско решавање на потребите, а не површно прикривање на проблемите. Во последните 20 години покажавме дека не знаеме правилно да инвестираме, покажавме дека не си го почитуваме парчето земја, покажавме дека не знаеме да си ги процениме можностите и потребите, покажавме дека не сакаме да ја гледаме реалноста таква каква што е. Во изминатите години сакавме да веруваме во имагинарното, да веруваме во илузијата, да веруваме во барокот.
Ова буре барок кое експлодира со спотот Скопје 2014 воопшто не ме изненади. Тоа е само резултат на досегашното игнонирање на реалноста, долгогодишна верба во илузии и долгогодишното отсуството на континуирано планирање неопходно за создавање на употреблива архитектура и корисен урбан простор, како на државно, така и на локално ниво.
Скопје 2014 е врв на хаосот што го создававме сите овие години, директно или индиректно, повеќе или помалку, гласно или немо. Некои тоа го планираа, другите го проектираа, третите го градеа, а последните за тој хаос скапо плаќаа. Сега целиот хаос кулминира со спектакуларен спот, со буриња накитени со барок, неокласицизам, антика, и што уште не.
Со Скопје 2014 покажуваме колку многу не знаеме што правиме и колку многу не знаеме кои сме.
Посакував еден ден да го свртиме вниманието на светската јавност со современ урбан простор исполнет со современи објекти со идеи кои восхитуваат, со инвентивност, со мудрост и креативност кои радуваат. Посакував да го свртиме вниманието на големите имиња на архитектурата со урбан простор и објекти од кои можат нешто да понесат, објекти на кои ќе се восхитуваат……. и успеавме! Го свртевме вниманието на светските архитекти, но со оваа невидено голема глупост, Скопје 2014…Ова е голем срам! Ова е голем пораз!
Се срамам од онаа плејада на колеги архитекти, или попрецизно, декоратери, кои се нафатиле да поддржуваат и да создаваат архитектура и урбанизам без планирање, без анализи, без идеи, без суштина, без континуитет. Се срамам од сите нив кои се нафатиле да создаваат накитен простор кој служи само за да предизвика имагинарна (барокна) радост кај лаиците.
Ги повикувам и ги охрабрувам властите да престанат со изгрдба на овие мртви кулиси во центарот на градот и да започнат подготовки за суштинско планирање, проектирање и изградба на убран простор и изградба на објекти кои ќе бидат симбол на наша современа Македонија, симбол на наше современо Скопје, без притоа да ги уништуваме старите симболи на градот и без притоа да направиме уште една голема грешка со која дефинитивно ќе го блокираме животот во градот.
архитект Дијана Мицковиќ