На почетокот на годинава, златниот медал на архитектонската организација РИБА ѝ беше врачен на Заха Хадид, и во таа пригода претседателката на организацијата рече дека наградата „тотално задоцни“. Не ни претпоставуваше во колкава мера беше во право. Помалку од два месеци откако стана првата жена во историјата што ја примила оваа награда, Заха Хадид на 31 март ненадејно почина од инфакт во една болница во Мајами, во која беше примена заради бронхитис. Имаше 65 години.
„Не го сакам зборот компромис“ и „Не создавам мали, згодни објекти“, се две изјави кои најдобро ја опишуваат архитектката Заха Хадид. Архитектурата без неа, би била многу поздодевна. Освен со деконструктивистичката архитектура, таа се занимаваше и со дизајн, обликуваше обувки и накит, и не мислеше дека постојат помалку важни задачи.
Заха Хадид имаше и многу критичари, но токму таа, со Френк Гери, ги постави темелите на органската архитектура за 21 век. Рем Колхас, уште еден „enfant terrible“ на светската сцена, со кого работела на почетокот на својата кариера (набрзо се разделиле, две големи личности тешко одат заедно), ја опиша како „планета во нејзината сопствена орбита, која е невозможно да се имитира“. Френк Гери, пак, ја опишуваше како „неверојатна сила на природата“.
Последниот директор на Венециското биенале Арон Бетски, инаку нејзин пријател, рече: „Луѓето се прашуваат зошто некој би сакал да работи со неа кога може да биде многу тешка, но истовремено пружа и лојалност и поддршка, и покажува страст за она што го работи“.
Мост Павилјон во Сарагоса
Зад себе ги остави нацртите за стадионот за Фудбалското првенство во Катар 2022 година, кои, по своја прилика, ќе ги продолжи Патрик Шумахер, нејзиниот партнер во фирмата цели 25 години, и единствен кој издржал со неа толку долго, бидејќи оваа архитектка била, всушност и како повеќето големи луѓе, многу комплексна и голем перфекционист. Воедно, беше и единствена жена меѓу таканаречените ѕвезди-архитекти.
Нортпарк жичарница во Инзбрук, 2004 -2007
Заха Мохамед Хадид е родена на 31 октомври 1950 година во Багдаг, во време на прогресивното размислување на Блискиот Исток, кога модернизмот се сметаше за гламур. Израсна во една од првите багдадски куќи инспирирани од Баухаус. Родена е во либерално и богато семејство, а нејзиниот татко бил на чело на ирачката Прогресивна демократска странка. Прво во Бејрут студирала математика на Американскиот универзитет, што е исто така забележително во нејзините дела, но потоа се преселила во Лондон на студии за архитектура на Школата на архитектонското здружение (Architectural Association School), каде ги запознала Рем Колхас, Елија Зенгелис и Бернард Чуми, водечки архитекти на експерименталната европска архитектура. Сепак, првите влијанија врз нејзината архитектура се од Ирак, поврзани со детските спомени од посетите на „древните сумерски градови во јужен Ирак“, на „реките и пустините“, на „флуидниот пејзаж на Блискиот Исток“. Органските градби, градбите што личат на облиците од природата, останаа во темелите на нејзиното творештво.
Центарот за водени спортови во Лондон изграден за Олимписките игри во 2012
Како државјанка на Обединетото Кралство, госпоѓа Хадид до крајот на својот живот дејствуваше во Европа, Азија и Блискиот Исток. Во музејот Гугенхајм во Њујорк, во 2008 година ја претстави својата прва голема ретроспектива. Беше славна личност, помеѓу останатите, се дружеше со Барак Обама и Бред Пит. Не секогаш сите ѝ беа склони. Замерки постоеја, дека нејзината архитектура е премногу глобализирана, дека градбите наликуваат една на друга, било да се во Лондон или во Дубаи.
Културен центар „Хејдар Алијев“ во Баку, 2013
Тоа, во повеќето случаи, не беше фер кон архитектката. Бидејќи таа е една од ретките што навистина направија промени во последните децении, како што беше истакнато и во образложението за Прицкеровата награда 2004 година: „Сериозно ги урна границите на архитектурата“. Но, се појавија многу нејзини епигони, од кои повеќе имаше штета отколу од неа самата.
Библиотека и центар за обука при Универзитетот за економија во Виена, 2010
Всушност, како што и самата објаснуваше кога ќе ја запрашаа за квадратурата, односно заземање на просторот: „Луѓето мислат дека квадратните објекти се најдобри затоа што тоа е вообичаено најдобар начин за користење на просторот. Но, дали со тоа се кажува дека пејзажот е загуба на просторот? Светот не е квадратен. Зарем кога одите во парк, велите: О, боже мој, нема никакви агли. Тоа е како некој да каже дека сите треба да пишуваат на ист начин“.
Заха Хадид, исто така, соработувала со врвни модни куќи, со што своите дизајнерски и архитектонски идеи ги изрази и преку други медиуми. Така, во соработката со бразилската компанија за производство на чевли „Мелиса“, Заха Хадид го дизајнира уникатниот пар „без шевови“, чиј облик се базира на флуидни органски контури на човечкото тело и ја евоцира потребата за постојана трансформација и движење.
Чевли „Мелиса“
Соработката на Заха Хадид на проектот Lacost footwear, за колекцијата пролет/лето 2009, почнала со производство на дигитална верзија на познатото лого, кој потоа бил пренесен на структурата на динамична флуидна мрежа.
Z – car
Национален центар за современи уметности во Рим – MAXXI, 2010
Во архитектурата таа ги освојуваше конструкциските слободи кои пред тоа беа незамисливи, а во јавниот живот беше во опозиција со конвенционалното општество. Еднаш некој запишал дека многу познати архитекти се однесуваат како роботи, додека таа е човечко суштество, не се плаши да ги покаже емоциите, понекогаш забавна, понекогаш и безобразна. Критики доби и за проектот во Баку, Културен центар Heydar Aliyev, нарачан да го слави „озлогласениот режим на кршење на човековите права“, како што тврдеа критичарите, кој чинеше многу и заради кого многу се иселени. Се зборуваше за 60 илјади луѓе. Таа тврдеше дека прифатила да го прави центарот што ќе донесе култура во местото. Исто така, доби и награда од Лондонскиот музеј на дизајн за најдобра градба на светот.
Оперска куќа во Гуангжу, 2010
Мажите никогаш не ги прашуваат, нејзе да – дали го жртвувала семејството заради кариерата. Одговори – не, сигурна е дека ги можеше и двете, едноставно не се случило. Беше жена во многу машки свет, ирачка емигрантка меѓу Британци со педигре. Нејзините идеи изгледаа нестварно, неостварливо и скапо. Дури на почетокот на новиот милинеум ѝ беа доверени големи проекти кои ѝ донесоа меѓународна слава, бројни награди и нејзиното студио го претворија во мегастудио со 400 работници кои работеа на околу илјада проекти во четириесет земји.
Луѓето што работеа со неа, велеа дека е напорна. Од своите работници го бараше нивниот максимум. Кога требало да се заврши голем проект, се работело до зори, затоа што Заха тврдеше дека понекогаш подобро се работи кога си преморен. И покрај се, секој од актуелните или бившите архитекти од нејзиното студио, кон Заха Хадид имаат длабоко почитување и тврдат дека е најдобар архитект со кого некогаш работеле, гениј. Беше неуморна, заради работата и патувањата немаше приватен живот и никогаш не основа семејство. Сета љубов што ја носеше во себе, ја преточи во своите нестварни, флуидни стуктури кои ѝ го донесоа прекарот Кралица на облините.
Идниот изглед на стадионот кој ќе биде изграден за Светското првенство во Катар во 2020
Деловно трговски комплекс Galaxy Soho, Пекинг, 2012