Насловна / Вести / „Револуција на розовите пижами“ на Маја Кировска во FLUX галерија

„Револуција на розовите пижами“ на Маја Кировска во FLUX галерија

По повод наградата која FLUX Gallery и ја додели на Маја Кировска на минатогодишното издание на Саемот за современа уметност Паратисима ­­­– Скопје, денес (10 мај), во 20 часот, во галеријата ќе се отвори самостојната изложба на Маја Кировска со наслов „Револуција на розовите пижами“

Изложбата е дел од уметничкиот проект кој Кировска го започна минатата година, во сооработка со уметникот Ницан Хамерман од Израел. Реализацијата на проектот ќе се одвива во три етапи, првата во Македонија, втората во Израел, потоа на неколку локации во странство, а понатаму се очекува да прерасне во „интернационално револуционерно движење“.marija kirovska_2

Како пилот проект за да се испитаат ефектите, влијанијата, коментарите и впечатоците на публиката, дел од концептот прв прв пат беше поставен и презентиран на 19 април годинава на една групна изложба во Националната галерија на Македонија – објект Чифте Амам.

„Размислувањето на оваа тема започна за време на престојот на Малта со моето учество на уметничкиот камп организиран од УНЕСКО со тема за предизвиците кои пред земјите од Медитеранот и Европа ги поставува интернационалната миграција, која е резултат на бројни конфликти во околните земји во изминатите години со фокус на дијалогот меѓу земјите за доаѓање до решение на проблемите.

Јас носам розови пижами. Сами по себе се смешни, но симпатични. Розовите пижами се предмет кој нема политичка, национална или верска конотација, па веројатноста идејата да наиде на свои непријатели е мала, тоа е еден вид на гаранција дека нема да се јават пречки во процесот на ширење на акцијата. Да носиш пижами значи пред сè дека живееш во нормални услови и имаш удобно место за спиење – кревет, па згора на тоа и розови. На шега реков дека кога сите луѓе би носеле розови пижами, тогаш светот можеби би бил поубаво место.marija kirovska_1

Розовите пижами ја имаат привлечноста на леснотијата на поп културата, но истовремено покажуваат ироничен став. Тие се симбол за мирниот сон од кој се раѓаат нови идеи и креативни решенија за иднината. Тие се облека на сонувачите. И не е важно дали се со точки, срциња или цветчиња, треба да претставуваат поттик.

Ќе направиме експеримент, ќе ја спроведеме Револуцијата на розовите пижами како дадаистичка игра, апсурдна и смешна, но истовремено акција која провоцира размислување за важни прашања. Таа е повик до сите сонувачи и креативни умови да ги вклучат до максимум своите способности.“ ­­– вели Маја Кировска.

Испрати коментар

Scroll To Top