Во просториите на Архитектонскиот факултет на Тетовскиот универзитет, беше одржано предавање на коешто како гости беа професорите по архитектура од Архитектонскиот факултет во Скопје, Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља, а кои работат и како архитекти под заедничкиот назив „МБМХП“. Предавањето беше одржано под наслов „Учење архитектура – клучни зборови“, а студентите по архитектура од овој универзитет имаа можност да слушнат и да видат неколку примери и техники на учење на архитектурата, кои овие двајца професори ги употребуваат при предавањето на своите знаења на матичните студенти.
Предавањето беше концепирано и водено според некои основни архитектонски термини, кои од страна на професорите беа детално објаснети и пластично доловени со конкретен пример од нивното работно и творечко искуство. Интересно беше да се присуствува на вакво предавање не само поради тоа што ова беше ексклузивна привилегија за тетовските студенти, туку и поради фактот што од овие професори секогаш може да се научи уште нешто ново и интересно за архитектурата.