Општина Центар ги реконструира фасадите на зградите „Климент Охридски“ 13, со површина од 2.179 метри квадратни и „Климент Охридски“ 13а, со површина од 1.525 метри квадратни.
Изградени на значајна сообраќајница во 50-тите години од минатиот век, нивниот руиниран изглед почна да го нагрдува изгледот на просторот.
Како и на сите досегашни реконструкции на зградите, општина Центар става енергетско ефикасни фасади околу целата зграда, а не само на предниот дел. Како што е веќе практика, ќе биде задржан автентичниот изглед, а боите ќе бидат избрани во договор со станарите.
Новите фасади овозможуваат многу подобри услови за живеење за станарите, заштитени од влијанието на промените во годишните времиња и за 30 % пониски сметки за електрична енергија.
Се работи за контактна фасада, изведена со стиропор со дебелина од 5 cm и завршен слој од пластичен малтер. Исто така, ќе се заменат и окапниците и олуците.
Ова се 11-та и 12-та зграда по ред кои ги реконструира општина Центар и се дел од акцијата „Нова пролет, нова офанзива“!
Следна зграда која ќе добие нова енергетска фасада е зградата на улица „Цицо Поповиќ“ бр. 7, во населба Пролет.