Утре (26 април) во 20 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена самостојна изложба на авторката Петра Јовановска со наслов „Повторно во кругот“. Се работи за концептулна презентација и инсталација на ликовни дела во изложбениот простор, каде линијата на галеријата го формира презентирањето и динамиката на делата.
Авторката се навраќа на кругот, на овој „едноставен“ геометриски облик, кој за неа има широка симболика и функција, но овој пат во друга форма и во друга улога.
Петра Јовановска повторно користи полиптиси за да ги задоволи своите критериуми поврзани со успешноста на презентирањето и целата замисла, еден вид на игра во просторот, која станува многу важен момент во концептуалното презентирање на ликовните дела.
Делата се реализирани во ликовните техники како што се колаж, фотографија, цртеж, и пред се тука е присутна и графиката, односно сегменти од неа, графичката техника сув печат.
Кругот како симбол на бесконечноста, на целината, е нешто што нема почеток ниту крај, и претставува симбол на постоењето, симбол на планетата, на сонцето… , симбол на внатрешната слобода.
Петра Јовановска е родена во Р. Чешка, а завршила на ФЛУ во Скопје, отсек графика. Досега реализирала 28 самостојни изложби во Р. М., Р. Чешка, Франција, Хрватска, Србија и Полска. Учестувала на над 180 групни изложби во Р.М. и во странство, како и на меѓународни ликовни колонии, симпозиуми, семинари.
Член е на ДЛУМ како и член на УО на ДЛУМ. Добитник е на неколку награди.
Изложбата свечено ќе ја отвори aмбасадорот на Р.Чешка Н.Е. господин Мирослав Рамеш и директорот на Музеј на град Скопје господин Љубен Тевдовски.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура на Р.М.