Компанијата „Пакомак“ потпиша четиригодишен договор за соработка и еколошко унапредување на животната средина со општина Куманово.
Почетокот на оваа соработка ќе ја одбележи донација од 40 специјализирани контејнери за рециклирачки отпад. Предвидена е донација од истиот обем за секоја следна година, затоа што градот годишно генерира околу 50.000 тони комунален отпад, од кои 7.000 тони отпад погоден за рециклирање.
Соработката е од заемен бенефит за граѓаните, општината и јавното комунално претпријатие „Чистота“ – Куманово, кое воедно ќе ги сервисира контејнерите.
Во моментов „Пакомак“ има склучено договори со компаниите кои што создаваат 42% од вкупниот отпад од пакување во Македонија, има договори со 25 општини од Република Македонија за одделно собирање на рециклирачкиот отпад, и е единствена компанија од Македонија приклучена на интернационалната мрежа за управување со отпад од пакување ProEurope и ја има лиценцата за употреба на симболот Green Dot.
„Пакомак“ оваа година доби и национална награда за општествено одговорни практики од Министерството за економија на РМ.