Интензивно течат активностите за реализација на конзервацијата на еден од најзначајните споменици на средновековната уметност во Република Македонија, црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново, проект кој се наоѓа во Програмата на Владата и на Министерството за култура.
Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола во изминатиот период интензивно работеа на овој комплексен проект чија реализација се одвива во неколку последователни фази. Започнувајќи од 2013 година, беа извршени конзерваторски истражувања со кои беа опсервирани состојбите на архитектурата, сликарството и покривната конструкција на црквата која уште од 1952 е прогласена за споменик на културата.
Беше изработена анализа на актуелните аномалии и на статичката стабилност на градбата и почвата под неа, што беше остварено во соработка со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Исто така, поставен е и привремен покрив над објектот за да може непречено да се одвива конзервацијата на архитектурата и на живописот во црквата, кој, според своите стилско-ликовни карактеристики, е пример за највисоките дострели во доменот на монументалното сликарство во источнохристијанската уметност.
Во рамките на активностите, се појави и потреба од интервентни археолошки истражувања со кои се утврдени длабината и состојбата на темелите од различните страни на црквата. Оваа година се доработува проектот за конзервација на архитектурата на црквата и нејзино конструктивно зајакнување по што паралелно ќе се работи на конзервацијата на архитектурата и фрескоживописот. Сите активности за целосна конзервација на внатрешноста и надворешноста на оваа исклучително значајна црква се предвидува да бидат финализирани до крајот на оваа година.