Насловна / Вести / Утре се отвора “Capitol Mall & Residence”

Утре се отвора “Capitol Mall & Residence”

capmall_2
Утре и официјално ќе се отвори новиот трговски и резиденцијален комплекс “Capitol Mall & Residence”. Станува збор за нов, модерен, луксузен трговски центар со дел за домување, објект кој се наоѓа во општина Аеродром спроти познатиот ТЦ „Бисер“.

Објектот зафаќа површина од 33.500 квадратни метри и има четири нивоа трговски центар, но и исто толку ката резиденцијален дел. Љубителите на шопингот треба да одвојат неколку часа за да ја проверат понудата на новите модели од познатите светски брендови. Шопинг центарот е организиран на површина од 12 илјади квадратни метри, поделен на приземје и три ката во кои има 62 продавници.

capmall_1
На приземјето предвидено е да биде сместен супермаркет, ќе има оптика, аптека, златара и парфимерија,  телекомуникациска опрема, но и уникатни кафетерии за комплетно уживање. Првиот кат ќе биде резервиран за трговски единици во кои ќе бидат застапени познати модни брендови. На вториот кат планирано е да има и фитнес центар за станарите со посебен директен пристап преку посебни лифтови, но и пристап за сите останати посетители на трговскиот центар. Третиот кат е резервиран за забава и рекреација во кој најмалите посетители ќе можат да уживаат во неограничените можности кои ќе ги нуди игротеката на површина од 1.000 м2 во неколкуте ресторани  од каде се ужива во погледот на Скопје.

Кај делот за домување, пак, јасен е секој дел и посебно е впечатлив. Станбениот дел е организиран на површина од осум илјади квадратни метри, а 72 апартмани се распоредени на четири ката. Има 16 различни типови на станови, а сите тие се со сопствен систем за греење и ладење. Со комерцијалниот дел, становите се поврзани со посебни елеватори.

capmall_3
Што се однесува до изградбата и финалниот производ, од компанијата „Сити плаза“ велат дека е користена најнова технологија. Фасадата е од термостабилни фасадни панели кои се поставени на метални профили, а стаклата се полнети со аргон и панели од гранит во атрумскиот дел на фасада. Современиот систем за ладење и греење, адекватната фасадна изолација и соодветните покривни решенија имаат за цел максимална заштеда на енергија, објаснуваат од „Сити плаза“. Во внатрешната декорација е користен мермер, гранит и керамика како подни облоги. Стаклото е користено за поголем продор на дневна светлина, а исто така и носечките столбови се опшиени со стакло. Во гастрономскиот дел таванот е од дрво, а централно се поставени ескалатори со стакло со што се добива дополнителна пријатна светлина.

На три нивоа под земја ќе се наоѓа паркинг просторот со вкупен број од 450 паркинг места, со посебен и единствен пристап за станарите во резиденцијалниот дел.

Инвестицијата за Capitol Mall & Residence е вредна 30 милиони евра. Со отворањето на Capitol Mall & Residence, воедно, се отвораат и преку 500 нови работни места.

Испрати коментар

Scroll To Top