Насловна / Вести / Одржливото градежништво голем потенцијал за вработување и генерирање приход

Одржливото градежништво голем потенцијал за вработување и генерирање приход

Odrzlivo gradeznistvo

Потрошувачката на енергија во резиденцијалните и канцелариските простори изнесува 40 проценти од вкупната потрошувачка на енергија во Македонија, со што секторот одржливо градежништво добива дополнителна атрактивност за инвестирање, а истражувањето на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) покажува дека секторот има голем потенцијал за вработување и генерирање приходи.

Според Ристо Иванов, консултант кој е активно вклучен во секторот, потенцијалот на овој сектор треба да се искористи веднаш, додека во Македонија се претпоставува дека во овој сектор ќе има 3.500 нови работни места до 2020 година, се наведува во соопштението на ИМЕ.

– Одржливото градежништво е сектор со голем потенцијал за вработување и генерирање приходи. Искуствата во Германија покажуваат дека обновливите извори на енергија се значајни креатори на работни места. Европската Комисија предвидува дека бројот на нови работни места во овој сектор ќе порасне до 2,5 милиони вработени лица во ЕУ до 2020,  изјави Иванов.

Odrzlivo gradeznistvo1

Според истражувањето во секторот се вработени 10.000 работници на возраст над 60 години. Се очекува овие лица да се заменат со 7000 нови вработени додека дополнителни 5000 да се вработат во секторот за имплементација на мерките за енергетска ефикасност.

Игор Мишевски, менаџер на секторот зелена економија во Програмата за зголемување на пазарната вработливост вели дека соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор е од огромно значење за увидување на проблемите во секторот.

– Програмата за зголемување на пазарната вработливост во следниот период ќе работи на подобрување на перформансите во секторот и надминување на проблемите. По спроведување на истражувањето и денешното мапирање на чинителите во секторот, во следниот период ќе работиме со приватниот сектор на подобрување на квалитетот на градбите, зголемување на побарувачката за квалификувани работници, промоција на предностите на мерките за енергетска ефикасност, како и пристап кон соодветни меѓународни искуства, изјави Мишевски.

Odrzlivo gradeznistvo2

На работилницата, како што беше соопштено, учествувале над 20 претставници на репрезентативни компании од градежниот сектор – лидери во областа на енергетска ефикасност, инвеститори, изведувачи, производители и увозници на енергетски ефикасни градежни материјали како претставници од Министерството за економија, Вардарскиот Плански Регион и општините Карпош, Чаир и Кисела Вода.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка имплементирана од  водечкиот партнер „Swisscontact“, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус.

Испрати коментар

Scroll To Top