Во среда (13 април), од 19 до 21 часот, во просториите на Центарот за социјални иновации, барака 1, на ФИНКИ, ќе се одржи третиот TEDxSSSalon на тема „Скопје 2022: Урбано одржлив град – реалност или илузија?” (Skopje 2022: Sustainable city – Reality or illusion?).
Целта на настанот ќе биде да се презентираат модели на одржливи градови, успешни примери на решавање на проблемите на градовите во светот, а воедно и да се продискутира како истите би можеле да се прилагодат на нашите услови. Прашањето на организаторите за тоа е дали е потребно вклучување на сите учесници од општеството во процесот на изнаоѓање иновативни и креативни решенија кои би функционирале во Македонија, и поттикнување на размислување за проблемите во градот Скопје, идеи за нивно решавање и начини на кои тие би постанале реалност.
Како што пишува и во самиот наслов, ова е Salon тип на настан. Се работи за настан во кој се прикажуваат два видеа со говори од TED кои се поврзани со темата по што по секој говор се развива кратка дискусија помеѓу учесниците. Се работи за група од 20-30 учесници, еден модератор кој ја контролира динамиката на групата и двајца експерт гости.
TEDxSeptemvriskaSesijaSalon е независно организиран настан кој е лиценциран од страна на TED и поддржан од Social Innovation Hub, Бизнис академија Смилевски – БАС, ФИНКИ и SmartUp. Носител на лиценцата е Александар Лазовски кој има веќе организирано вакви осум настани.