Шведската Амбасада во соработка со факултетот за Архитектура од Скопје неодамна преку еднодневна работилница го презентираше шведското искуство и знаење за одржливо урбано планирање објаснето преку „СимбиоСити“ (SymbiCity) пристап.
Урбаните планери од општините Велес и Куманово кои ја следат напредната меѓународна обука за одржливо урбано планирање подржана од страна на Шведска, го претставија здобиеното знаење и предизвиците со кои се соочиле при практичното планирање на нивните проекти користејќи го „СимбиоСити“ пристапот.
Во суштината на „СимбиоСити“ пристапот е концептуален модел на урбаната одржливост.
Овој модел ги става здравјето, комфорот, безбедноста и квалитетот на животот во основата на урбаниот развој базиран со човечка мерка.
Градовите се комплексни и динамични системи што условува оценката на урбаната одржливост и урбанистичкото планирање да бидат реализирани низ пристап кој е интегриран, многустран, повеќе-функционален и кој ги вклучува сите учесници во процесот. „СимбиоСити“ пристапот во себе ги интегрира просторниот, социо-културниот, економскиот аспект на градовите, животната средина, урбаните системи и институционалната димензија на начин низ кој тие взаемно се надополнуваат, односно тие се во синергија.
„Урбаниот развој никогаш не е работа за едно лице. Тој вклучува многу засегнати страни на различни нивоа на одлучување и бара занчајна координација и соработка“, истакна амбасадорот на Кралство Шведска, Матс Стафансон.
Работилницата беше посетена од над 70 учесници од полето на науката, образованието и практиката и поттикна бројни дискусии во линија на потребата да се спроведе еден ваков сеопфатен пристап во урбаното планирање во Македонија.
Билјана Џартова-Петровска