Проектирањето на оваа куќа започнало на самата локација. Главната идеја на архитектите била на врвот на оваа падина да се изгради објект кој ќе изгледа како една голема градина, т.е. објект кој нема да го наруши овој прекрасен пејзаж и истиот да претставува визуелен мост кој се поврзува со падините на долината.
Овој објект се наоѓа во Сао Паоло, Бразил и е дело на архитектонскиот тим на MPGARQUITETURA и истиот е изграден во 2013 година.
Долгата зелена плоча која претставува и кров на куќата, исто така го опфаќа и просторот пред влезната партија на куќата, каде може да се пристапи со автомобил.
Интересно е да се напомене дека влезот во оваа куќа е на горното ниво, каде се сместени и поинтимните простории како спални соби, бањи и слично, а со еднокраки скали се пристапува до централниот дел на куќата кој е наменет за седеже и централно собирање на сите членови на семејството покрај огништето.
Овој централен простор е двовисински и со овој потег на истиот му се дава и поголемо значење. Освен овој седечки дел, предвидени се на ова, долно ниво и кујната, трпезаријата, простор за гледање телевизија, затворена кујна која секојдневно функционира, како и сет на простории за послугата во домот.
Пред овој јавен дел од куќата на долното ниво се јавува и пространа тераса од која се пружа одличен поглед кон падините на оваа долина.