Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 12 декември 2013 година (четврток) во 20 часот ќе се отвори изложба на Ивана Пирковска со наслов Илузија за простор-времето. Минималистичкиот проект на младата скулпторка Ивана Пирковска се состои од пет транспарентни висечки инсталации, кои заемно кореспондираат и се надополнуваат.
Проектот е конципиран од различни материјали (плексиглас, огледала, обоени обрачи, топка, тениски топчиња, обоени конци, обоени фолии и објекти- цртежи). Пирковска во проектот глобално го актуелизира проблемот на илузијата, со која се восприема светот и човекот. Човечката перцепција и рецепција се ограничени, фрагментирирани, нецелосни во контекстот на простор-времето.
Користењето на геометриските елементи (квадрат, коцка, круг и линија) во инсталациите на Пирковска се артикулираат низ суперпозицијата на елементите и низ линеарното вкрстување на точките на посочените геометриски форми.
Во нив дополнително се вклучени огледалата како рефлексија не само на виртуелноста/илузијата за простор-времето, туку и како метафора на Платоновата алегорија за пештерата, т.е. за нашиот ограничен, заробен ум, чие царство на идеите е царство на нашите проекции, фикции и стекнати илузии за светот и за човекот.
Во нејзините геометриски конципирани и минималистички крајно редуцирани, речиси концептуалистички третирани инсталации, набљудувачот може да се проектира себеси и ментално да биде соучесник во довршувањето на идеите за презентираните форми и на идеите за идеите на самата авторка.