Куќа која се наоѓа во шумата не е несекојдневен концепт. Но, куќа конструирана околу дрво е навистина иновативен концепт. Архитектот од студиото „ A.Masov Architects“, Аибек Алмасов од Алма Ата во Казахстан на возраст од 25 години, е голем вљубеник во природата, па тоа е причината за неговата креација „Дрво во куќа“, односно куќа проектирана околу дрво, во вид на транспарентен цилиндер.
„Од мојот прозорец имам прекрасен поглед на планината. Ја сакам природата со својата тишина и убавина. Но, за да се изгради куќа во една таква средина би требало да се исечат дрвјата на конкретната површина, што никако не е одржлив концепт, и таа идеја воопшто не ми се допадна.
Затоа почнав да ја развивам идејата за куќа околу дрво на четири ката со метална конструкција и транспарентни ѕидови, соларни колектори и фотоволтаици, како и систем за вентилација“, вели Алмасов.
Тој веќе има понуди за инвеститори за овој проект, но ги одбива оние што инсистираат на чиста комерцијализација. Неговата концепција се заснова на употреба на еколошки материјали, со што цената на инвестицијата достигнува околу 340.000 евра.
Сепак, тој се надева дека во иднина цените на материјалите што се базираат на зелени технологии ќе бидат поевтини.