Од март следната година треба да стартуваат редовните железнички линии за товарен транспорт од Македонија кон Солунското пристаниште. Како што соопшти денеска управниот директор на пристаништето Стилиано Агелудис, ова е приоритет што македонските компании мора да го земат предвид. „Воведувањето на редовните железнички линии, што е договорено на средби со надлежните од институциите во двете држави, ќе ги намали транспортните трошоци, а тоа очекуваме да го зголеми транспортот“, истакна Агелудис на прес-конференција по презентацијата во Стопанската комора на Македонија.
Според Агелудис, водниот и железничкиот сообраќај се најевтини и со нивна комбинација може да се намалат трошоците од 20 до 30 проценти. Тој пред присутните истакна дека за осовременување на Солунското пристаниште се вложени 30 милиони евра, а ќе се инвестираат уште толку во нова опрема, машини, багери, виљушкари и друга опрема. Пристаништето работи постојано, 24 часа, а цените на услугите воопшто не се променети изминативе години и покрај економската криза. „Од овие причини сме најконкурентни од Трст до Бургас и од Драч до Пиреја“, посочи директорот.
Минатата година вкупниот транспорт преку Солунското пристаниште бил 2,163 милиони тони рефус товари или преку 23.000 контејнери што е 13,35 отсто зголемување во однос на претходниот период. Агелудис информира дека соработката со македонските компании се интензивира и дека се надминати претходно детектираните проблеми што ги предизвикаа непостојаното функционирање на царината и штрајковите во 2008 година.