Сведоци сме на сериозни социолошки, културолошки и технолошки промени кои имаат удел во начинот на кој го користиме просторот што нè опкружува. Ваквите промени ги менуваат традиционалните институции, вклучително и банките.
Банкарската индустрија до скоро време се доживуваше како нефлексибилна и затворена. Кога ќе помислите на банка, веднаш помислувате на затворен простор со „тежок“ мебел од махагони дрво, со детали од месинг, еднолично светло, чувар на вратата и минимум еден изгубен час во чекање ред, како и нервоза дали ќе стигнете да уплатите дури не затвори експозитурата.
Гледајќи ги експозитурите на големите европски банки во западниот свет во моментов, повеќе од јасно е дека работите полека се менуваат. Тоа доаѓа, пак, како резултат на тотално различниот пристап во работењето. Во време на високо развиена електронска комуникација, кога времето буквално „чини пари“, банките решија да ги следат светските трендови на општествена трансформација, да станат пофлексибилни, подинамични и поотворени за клиентите.
ПроКредит банка е банката што овие новини за првпат ги внесува во Република Македонија, а ние, „Радиус архитекти“, сме тие што овие новини ги преточија во стварност. Во текот на изминатата година, ПроКредит банка комплетно ја реновираше целокупната мрежа на експозитури во државава, воведувајќи сосема нов концепт на уредување на просторот наменет за клиентите.
Имено, постоеја два генерални концепти на уредување на експозитурите. Првиот, што беше применет кај поголемите експозитури, а подразбираше поделба на просторот на експозитурата на два дела, и тоа дел со автомати кој работи 24 часа односно т.н. „зона 24/7“ и експозитурата во која би се се одвивале тет-а-тет трансакции со службените лица на банката. Вториот концепт, пак, е применет кај помалите експозитури и тој подразбира само „зона 24/7“.
Така банката станува отворена за своите клиенти буквално 24/7. Клиентите на овој начин можат да ги користат сите услуги на банката во секое време во текот на денот, од исплати, уплати, па дури и депозити во сеф. Овој концепт е нешто што за нас е новина, а кое функционира во западниот свет веќе некое време.
Идејата за отвореност на банката кон постоечките и идни клиенти, сосема јасно се чита и во самиот концепт. Имено, концептот на новата експозитура се темели на отворен простор кој ќе овозможи непосреден контакт со клиентите. Така, новите шалтери не се затворени со блиндирано стакло до плафон, туку баш напротив, не постои никаква граница помеѓу клиентот и службеникот. Контактот е непосреден, би рекле „на маса“. Вие не сте повеќе само бројче во редот. Целта беше да создадеме простор каде како клиент нема да чувствувате притисок и нелагода како во „традиционалните експозитури“, туку просторот ќе го чувствувате како Ваш.
Секој дизајниран елемент од ентериерот е во служба да ја надополни основната идеја за отвореност, непосредност и динамичност, основни принципи на кои се темели целиот концепт. Со доследно почитување на овие принципи, создадовме еден комфорен простор. Комфорот беше нешто на кое посветивме особено внимание при уредувањето на просторот, а подразбираше комфор како за клиентите така и за вработените.
Покрај тоа што сите парчиња мебел се димензионирани и дизајнирани комплетно ергономски и според потребите и начинот на работа на службениците, она што го прави просторот особено комфорен е минимализмот во неговиот дизајн. Во ова време исполнето со исклучително многу дразби, како визуелни и звучни, минимализмот станува сè поактуелен. Главна грешка која често се прави во архитектурата, е кога ќе се заборави дека просторот ќе биде исполнет со луѓе, со различна светлина, звуци и мириси. Тогаш тој станува „накитен“, станува простор сам за себе. Слика. Од друга страна, пак, минимализмот има хуманистички пристап. Ги прифаќа луѓето. Просторот претставува само сцена. Не е главен. Главен е човекот.
Така, едноставноста во дизајнот на елементите во делот на автоматите односно т.н. „зона 24/7“, е со цел автоматите да бидат лесно воочливи за клиентите. Елементите се исти и се повторуваат во секоја филијала. Од друга страна, пак, пултот го дизајниравме со змијулеста форма која е најпогодна за приспособување во различни простори. Дотогашниот конвексен „негативен“ лак го заменивме со конкавен. На тој начин пултот симболично го привлекува клиентот кон себе, а не го одбива. Така клиентот повторно се поставува во улога на главен актер во просторот.
Изборот на материјали, исто така, е во функција да ја следи основната минималистичка идеја, па така во новите експозитури доминантна е белата боја и светлото дрво кое се јавува на подот, во елементите, на ѕидовите, и му дава топлина на целиот амбиент. Во „зоната 24/7“ автоматите се поставени во црвени рамки, кои од една страна ја претставуваат корпоративната боја на банката, а од друга страна ги нагласуваат самите автомати кои на тој начин стануваат лесно воочливи за клиентот.
Исто така, и дел од подвижниот мебел, конкретно столчињата во просторот за чекање на клиентите, кои се тапацирани и сосема удобни, се во различни бои, жолта, црвена, виолетова и сива, што всушност претставуваат корпоративните бои на банката. На тој начин, сосема суптилно, беше направено дополнително брендирање на архитектонскиот простор покрај стандардните реклами и логото на банката, за кои исто така водевме сметка. Комфорниот амбиент на чекалната го надополнивме и со поставување на ниска клуб маса и закачалка, кои треба да го надополнат амбиентот и да придонесат за тоа клиентот да се чувствува попријатно.
Често нè прашуваат што е тоа што новиот концепт на експозитура на ПроКредит банка го прави поразличен од другите и кои се неговите предности. Одговорот на ова прашање е многу едноставен, а тоа е дека овој концепт го става клиентот во центарот на вниманието. Овој концепт остава впечаток дека експозитурата е место кое му служи на клиентот во секое време.
Со самото тоа што на клентот му нуди избор како ќе ги користи услугите на банката, подеднакво дали електронски, преку автоматите, кои повторно ќе потенцираме се достапни во секое време од денот и ноќта, или традиционално на иста маса со службеникот, станува јасно дека во центарот на нештата е токму клиентот. Второто нешто е, секако, чувството на припадност, кое кога стоите во ред пред стакло сигурно не можете да го почувствувате. И како трето, смиреност. Битно ни беше да направиме смирен, ненападен простор. Одењето во банка да не биде уште една стресна дестинација во денот каде неволно ќе одите.
Нашето задоволство е дотолку поголемо што во тој поглед со инвеститорот се најдовме на иста страна и буквално дизајнот само придонесе да ја раскаже нивната приказна. Успешен дизајн за успешен бренд е ако тој добро ја пренел таа приказна. Лично мислиме дека новиот концепт дизајн на експозитурите на ПроКредит банка дословно ја пренесува нивната приказна.
Мартин Пановски, дипл.инж.арх.
Фото: Андријана Тилиќ