Насловна / Вести / Изложба „Холокаустот врз Ромите и Синтите и денешниот расизам во Европа“ во холот на НУБ

Изложба „Холокаустот врз Ромите и Синтите и денешниот расизам во Европа“ во холот на НУБ

Денеска (5 април) во 12.30 часот во холот на НУБ ќе биде отворена изложбата „Холокаустот врз Ромите и Синтите и денешниот расизам во Европа“.

Изложбата е во организација на Амбасадата на Сојузна Република Германија и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Изложбата е реализирана од Центарот за документација и култура на германските Синти и Роми (Хајделберг) во соработка со многубројни национални ромски организации во Европа. Таа го документира национал-социјалистичкиот геноцид врз Синтите и Ромите и тоа почнувајќи од нивната маргинализација и одземањето на нивните права во национал-социјалистичка Германија, па сè до нивното систематско уништување во окупираната Европа.

Последниот дел од изложбата се однесува на актуелниот расизам против Синтите и Ромите.

На отворањето на изложбата ќе се обратат: д-р Кристине Алтхаузер, амбасадор на Германија , д-р Иван К. Заров, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, почесниот гостин, министерот без портфолио, Неждет Мустафа, Емран Елмази од Центарот за документација и култура на германските Синти и Роми од Хајделберг, Силке Мајер Вит раководител на Форумот Цивилна мировна служба и Сузан Амет од МИР.

Музичка придружба од ромски џез клуб. На изложбата ќе има претставници од Централниот совет на германските Синти и Роми од Хајделберг и од Фондацијата ЕФЦ од Берлин.

Организацијата МИР во соработка со Форумот Цивилна мировна служба и со финансиска поддршка на Фондацијата ЕФЦ („Сеќавање, одговорност, иднина“) одржува работилници за млади Роми, на кои тие се бават со темата на изложбата. Впечатоците и резултатите од овие работилници ќе бидат претставени за време на отворањето на изложбата.

Изложбата ќе биде достапна за јавноста од 6 до 16 април 2016, од понеделник до сабота, од 10.00 до 18.00 часот.

Испрати коментар

Scroll To Top