Кој може да ги познава желбите и потребите на купувачот подобро од него самиот? Од оваа максима се воделе во архитектонското студио Šebo Lichy, при изработка на проектот за резиденцијалниот објект New Grove во Братислава, Словачка. Се разбира, главниот збор го имале професионалците, па затоа резултатот е едно прекрасно здание на модерната архитектура.
Во овој проект се имплементирани некои од принципте на канадската станбена градба, со тоа што за првпат на словачките купувачи им се овозможува сами да ја конфигурираат не само основата на станот туку и екстериерот на зградата.
Благодарејќи на флексибилните катови, купувачите на станови можат да си бираат број на соби, број на бањи, начинот на кој кујната ќе биде поврзана со трпезаријата и дневната соба, распоредот на ходниците и уште многу нешта во концептот на организацијата на станот.
Но она што ја прави оваа зграда единствена е менувањето на изгледот на фасадата по желба на сопствениците на становите. Всушност, пред да почне изградбата на објектот, станарите можеле да изберат број и големина на прозорци, дури и да ја одредат површината на балконите. Благодарејќи на оваа можност, зградата добила интересна фасада која го прави целиот проект препознатлив и уникатен со ведрите тонови на зелена, жолта и портокалова во отворите налик на лего коцки.
New Grove се состои од две станбени кули кои се поврзани со хол кој содржи малопродажни објекти. Зградата има 72 стана, 83 паркинзи и многу зеленило во околината.