Данското архитектонско студио Bjarke Ingels Group (BIG) го откри изгледот на новиот павилјон на познатата лондонска галерија Серпентин.
Bjarke Ingels и неговиот тим, на јавноста ѝ ги претставија првите рендери на новиот павилјон на галеријата Серпентин, кои ќе бидат претставени во својот сјај на почетокот на летото.
Проектот го испитува концептот на контраст преку формата и визуелниот впечаток. Имено, павилјонот е осмислен како забеста структура налик на напластени ледени блокови, која, благодарение на употребата на плексиглас и други прозрачни материјали, ќе го менува својот изглед зависно од аголот на гледање.
Архитектите го споредија проектот со „растворен“ ѕид, кој во својата внатрешност крие 290 квадрати простор во кој посетителите ќе можат да го гледаат павилјонот од поинаква перспектива.
Bjarke Ingels (1974) е дански архитект и тој е предводник на архитектонското биро Bjarke INGELS Group (BIG), што го основал во 2005 година, со канцеларии во Копенхаген и во Њујорк.
Њујоршката канцеларија е основана во 2010 година, и работи на проекти во Северна Америка. Од 2006 година, Bjarke Ingels работи со 11 дополнителни партнери.
Во BIG во моментов се вработени околу 300 архитекти, дизајнери, градежници и теоретичари кои доаѓаат од повеќе од 25 земји од Скандинавија, Северна Америка, Јужна Америка, Далечниот Исток и континентална Европа.