Ситуирана во станбена населба во Токио, оваа трикатна резиденција е проектирана со цел да функционира не само како објект за домување, туку и како куќа која би можела да смести странски гости и студенти дојдени на размена. Објектот е изведен од бетон во комбинација со дрвени конструктивни елементи.
Како контраст на автентичната, цврста бетонска обвивка, во отворената зона на вториот кат и се спротивставува впечатлива хориозонтала на метални брисолеи, која придонесува за елеганцијата на уличниот фронт, истовремено обезбедувајќи ја приватноста на функционалните содржини.
Внатрешноста е организирана на начин да се создаде единствен простор на релаксација, каде секој би можел да ужива во своето време, восхитувајќи се на елегантниот дизајнерски мебел и уметничките дела, распространети по ѕидните површини.
Ентериерот и екстериерот меѓусебно се претопуваат во интермедијарните зони, кои функционираат како заеднички простори на хармонична социјализација помеѓу сопствениците и гостите. Целокупниот контекст на архитектонскиот израз и доживувањето на просторот претставуваат репрезент на топлата гостопримливост на Јапонската култура.