Француското ателје на славниот архитект Жан Нувел, дизајнира кула во Никозија со перфорирана бела фасада која е украсена со бујно зеленило.
Tower 25 е новоизградена станбено-деловна зграда, и со висина од 67 метри е една од највисоките згради во главниот град на Кипар.
Сепак, она што го прави овој објект посебен е богатата вегетација, која се чини дека буи низ отворите на фасадата. Отворите, спротивно на стандардните решенија, се направени како мали квадратни отвори, навидум случајно распоредени по фасадата.
Ултрамодерната кула, всушност не изгледа толку нападно благодарение на зеленилото, коешто визуелно го припитомува.
Перфорираната фасада е направена на источната и западната фасада, додека јужната, воедно и најпријатната, е страна направена со низа балкони по целата ширина на зградата. Природниот брисолеј, во текот на летните месеци го штити објектот од прегревање обезбедувајќи ја потребната ладовина, а во текот на зимата овозможува пробив на сонце и светлина во просториите.
Зградата има 18 ката плус три подземни за гаража. Првите два ката се за продавници, други шест ката се деловен простор, а останатите се резервирани за станови, пишува Dezeen.
Кулата во Никозија има и панорамски лифт кој е видлив на источната страна.