Градските власти ќе дадат околу 100.000 евра за нови стилски канделабри на мостот „Мајка Тереза“, оној кај МАНУ, иако токму таму пред нецели пет години се поставија „ганц“ нови канделабри, пишува „Утрински“.
Градот неодамна склучил договор со фирмата „Бауер БГ“ за изведба на осветлувањето кое треба да се изведе во наредниот период.
„Поради усогласувањето на осветлувањето со мостот „Мајка Тереза“, Град Скопје изработи проект за замена на постојните канделабри, кој ќе се реализира во текот на наредниот период. Со проектот е предвидено поставување на 22 нови стилски алуминиумски канделабри. Секоја канделабра ќе носи по четири лири и една централна на врвот, што значи ќе имаа по вкупно пет светилки.
За потребите на осветлувањето ќе се постави нова електроинсталација и уреди“, појаснија вчера од Град Скопје. Сметаат дека со поставувањето на новото осветлување значително ќе се подобрат условите за движење и возење на мостот во ноќните часови, како и естетскиот изглед на мостот.