Играта со боите во новопроектираните и модерни ентериери секогаш дава добри резултати, но храброста на српската дизајнерка на ентериери Јелена Стојановиќ оди до тој степен што таа ги изоставува боите и целиот ентериер го материјализира во црни и бели тонови.
Овој стан се наоѓа во Белград, Србија, и е одличен пример на минималистички дизајн на ентериери, што впрочем не е само дизајн, туку и стил и начин на живеење. Во овој случај, минималистичкиот дизајн употребува и традиционални елементи и така овој ентериер го прави визуелно интересен и неодолив.
Деталите како што се жичаните елементи во просторот, длабоките текстури на ѕидовите, тепихот и софата и црно-белите слики на ѕидвите се така поставени, што секој од нив добива централна улога и голема важност, па затоа се чини дека само без еден од овие навидум ситни детали, овој ентериер би бил нецелосен.