Во минатата статија пишувавме за фенг шуи како древна кинеска метода за живеење која е во склад со енергијата на живата земја, и за тоа дека целата филозофија на фенг шуи се засновува на усогласување на боите, формата и видот на елементот (дрво, вода, метал, земја и оган) во однос на страните на светот.
Во оваа ќе бидат објаснети елементите што треба да ги исполнуваат стандардите на фенг шуи техниката. Бидејќи тоа што сме завршиле со вклопување на боите според страните на светот, не значи дека во целост сме ја примениле фенг шуи техниката во нашата градина. Според оваа техника, важна улога имаат и формите на елементите, како и материјалот од кои се изработени.
Патеки
Правите патеки не се поволни бидејќи енергијата стигнува брзо до куќата и кога ќе влезе во неа таа има изгубено многу од силата. Тој недостаток може да се корегира со садење растенија од двете страни по шах – мат метод, како и со материјали во различни бои, кои ќе го задржат вниманието. Искривените патеки се поповолни поради тоа што енергијата се движи поспоро и во куќата влегува одморена и свежа.
Огради
За огради може да се користат сите природни материјали. Тие не треба да бидат премногу високи за да не го одвојуваат внатрешниот од надворешниот свет. Оградата треба да има убав естетски изглед и форма, а не да имаат заплашувачки форми и додатоци (шилци, копја, бодликави елементи и слично).
Водни елементи
Водата е елемент на благосостојба. Таа може да биде подвижна (фонтана, водопад, алпинетум со речен тек) или статична (бара, езерце, базен). Водата може да биде лоцирана на северната, североисточната и источната страна. Во некои случаи може да се користи и на југоисток, но во тој случај не смее да се движи кон југ бидејќи југот претставува оган.
Алпинетум
Кај алпинетумот се употребуваат парен број камења. Се поставуваат по 3 камења во група, естетски наместени. Тие се поставуваат хармонично и според обликот, така што се надополнуваат еден на друг. Текот на водата (коритото) е препорачливо да биде искривено, а правецот на водата доколку го дозволуваат условите, да се движи кон влезната врата од куќата. Подвижните води се попрепорачливи.
Парковски мебел
Градинарските столови треба да бидат изработени од природни елементи (железни, дрвени и слично) во зависност од нивната местоположба во градината, а воедно да бидат и удобни за седење. Масите треба да бидат според функцијата. Според формата најдобри се осмоаголните бидејќи одговараат на сите страни на светот. Округлата форма е една од поповолните бидејќи нема доминантни и запоставени позиции. Правоаголните го поддржуваат дрвото и се користат на исток, југоисток и југ.
Осветлување
Има два типа на осветлување. Едниот е практичен со кој се осветлува поголем простор за да може ноќе непречено да се седи или движи во градината, а другиот начин служи за создавање на специјални ефекти. Кај оние патеки кои се во потполн мрак се врши осветлување од двете страни, со цел да се обезбеди непречен пристап до домот. Кај растенијата се поставува осветлување за да се долови одреден ефект, во зависност од тоа во кој дел е поставено светлото. Таму каде што се потребни светилки со помал капацитет на осветлување, кои ќе придонесат само за создавање одредени ефекти, може да се користат светилки на соларна енергија. Во водните површини не треба да се ставаат светилки, туку попрепорачливо е тоа да биде од страна по бреговите.
Саксии и жардиниери
Саксиите треба да бидат од природни материјали. Според бојата, истите не треба да бидат конкуренција на цвеќето со што би го ставиле во втор план. Нивното поставување треба да биде на видно место каде што ќе дојдат до израз.
Жардиниерите имаат за цел да разубават одреден дел од дворот со раскошната растителност во нив. Можат да бидат постојани и преносни. Постојаните можат да бидат изработени и со поголеми димензии, а треба да се од природни материјали (бетон, камен, цигла и слично).
Статуи и фигури
Во фенг шуи голема улога имаат и животните. За таа цел се поставуваат статуи или фигури од одредени животни зависно од страната на светот, кои симболизираат одредена енергија. Тоа се змејот, фениксот (може да се замени со петел), белиот тигар и водната желка.
Канти за отпадоци
Кантите за отпадоци треба да се чуваат подалеку од видик на затскриено место, да се одржуваат истите како и просторот околу нив.
Со примена на фенг шуи во нашата градина сме завршиле во оној момент кога сите претходни објаснувања во однос на обликот, формата и боите се според критериумите на самата метода.