Еден средновековен манастирски дворец во градот Либек во Германија ја обележува најстарата точка во ова населено место. Од пред неколку месеци, на ова место е поставена новата музејска зграда која е проект на архитектонското биро од Хамбург, чиј водич е архитектот Андреас Хелер.
Оваа зграда е претпазливо сместена во непосредна близина на овој постоечки манастир. Од историското пристаниште може да се пристапи кон овој манастирски комплекс сместен на врвот на градската височинка, но исто така и преку отворените скали кои се поставени централно низ музејскатa зграда. Овие скали, исто така, го отвораат и поврзуваат внатрешниот простор на манастирскиот комплекс со новото крило на музејската зграда.
Историјата на ова место, како и на сега веќе непостоечката зграда, говори за тоа дека порано тука постоеле кули од замок и арсеналот на градот, па така, водејќи се по овие историски сознанија, архитектите имале предвид повеќе идеи по кои се воделе при проектирањето и дизајнот на изгледот на новата музејска зграда. Наместо некогашниот градски ѕид, средновековната граница сега ја означува новата музејска зграда која го ограничува овој простор со својата кубична форма и умешно изведената фасада која по својот дизајн потсетува на минатото.
Грубата ѕидарија која е изведена од грубо обликувани тули претставува целосен контраст на вратите изведени од мазен и висококвалитетен бакар. Различните нијанси на тулите, пак, обезбедуваат надворешна опуштеност и условна старост на овој објект.
Комбинацијата на совремното и традицијата на овој објект, исто така се вклопува и со околината во која се наоѓа. Ова најдобро може да се забележи во западниот дел од оваа зграда. Двоводниот кров на зградата е надополнет и со рамен кров, па така овој објект се адаптира и е изведен според принципите по кои се изведени и околните објекти.
Во корелација со историјата на Либек, но реинтерпретирана, проектантите ги користат двоводните кровови наместо четвороводните, кои се најкористени во староградската архитектура на Либек.
Двете страни кои наместо кровови се издигаат како калкански ѕидови, украсно се обработуваат со користење на тулата и така се добиваат украсни орнаменти. Овој начин на украсување со помош на тулата, се смета за готски принцип со кој се украсувале фасадите на голем број објекти во Ханза.
Реновираниот и реконструираниот манастирски замок, исто така е украсен со релјефни бронзени врати и мазни обработки околу вратите и прозорските отвори. Овие бронзени елементи се јавуваат и во надворешноста и во внатрешноста на овој средновековен комплекс, што е својствено за историските згради.
Зградата на музејот заедно со поранешниот манастирски дворец и новопроектираната зграда се состои од околу 7.400 метри квадратни, и посетителите ги води на патување низ историјата на Ханза. Освен изложени археолошки предмети, овде може да се посетат и соби со зачувани делови од изворни историски објекти, но и најновиот уметнички музеј кој нуди повеќекратни концепти на изложби.
Проектанти: Andreas Heller Architects & Designers, Хамбург, Германија
Локација: Либек, Германија
Инженерски тим: Kröger & Steinchen Beratende Ingenieure
Проектанти на осветлување:Andreas Heller Architects & Designers заедно со консултација на други експерти за осветлување