Архитектонскотот студиo Daniel Libeskind неодамна го објави дизајнот за новопроектирана станбена блоковска структура во централниот дистрикт Mitte, чија изградба се предвидува да биде комплетирана до 2015 година.
Со големи прозорски отвори дизајнирани да апсорбираат максимално осветлување и керамичка фасада во металик крој, објектот со површина од 10.000м² зафаќа аголна парцела на улицата Chausseestrasse 43, во централен Берлин. Основниот предизвик на архитектот претставува креација на 73 апартмани, на делумно четириаголна основа, сместувајќи атрактивни трговски содржини во приземјето, подземен паркинг, како и заедничка надворешна зона.
Драматичноста при обликувањето е особено потенцирана во горната зона, каде луксузен апартман, распослан на аголот на објектот, ја соединува максимата на екстериерното и ентериерното урбано живеење. Фасадната обработка се карактеризира со иновативна тридимензионална текстура на керамички плочи, кои архитектот Libeskind ги дизајнирал заедно со италијанската компанија Casalgrande Padana. Геометриските керамички панели, покрај тоа што создаваат експресивен металик патерн, се одликуваат и со самоодржливи специфики како аерација и способност за самочистење.