Во галеријата Остен од денеска до 5 март ќе бидат изложени делата на остеновите уметници Владимир Георгиевски, Душан Перчинков, Васко Ташковски и Глигор Чемерски, а гостин ќе биде светски познатиот уметник Демиен Хрст со делото „ЛСД“ – Lysergic Acid Diethylamide , 2000, Ц-принт рачно потпишан.
Воедно, ќе биде промовирана и првата графичка мапа од едицијата на графички мапи Светско културно наследство – мапа од 12 отпечатени листови на Мице Јанкуловски. Едицијата „70 графички мапи“ како проект почна минатата година по повод 70-годишнината на Остен.
Во рамки на манифестацијата „Остенови уметници на годината“, Георгиевски, Перчинков, Ташковски и Чемерски беа наградени во периодот 2012 – 2015 година со една од главните награди и тоа: Глигор Чемерски – награда за животно остварување 2013, Владимир Георгиевски – награда за животно остварување 2014, Душан Перчинков – уметник на годината 2015 и Васко Ташковски – награда за животно остварување 2015.
Остеновите уметници ќе се претстават со делата од колекцијата на Остен Музеј на цртеж.