СТАВ – Дали може да се премостат пет-шест века? Ако барокот е роден во XVI век, да се избега бргу од внукот „барок“, сложено е. Зошто? Па скапо е.
Треба да ги отстраниме последиците од поплавите. Овој пат поплавен е Вардар, а и пошироко – со „барок“. Последиците од загадувањето со анахронизам и примитивизам, да се отстранат.
„Луј II Македонски, плаче Вардар“
На времето, по поплавите ни помагаше целиот свет. Денес цел свет ни се смее, не жали. Зошто? Па ако урбано, градителски наследивте нешто и го срушивте, ако мелодијата на времето некогаш ја интерпретиравте со слух и дома и по светот, градевте, проектиравте, компониравте, а сега го претворивте градот во куклен театар, преоблечен во Луј XIV. Што да се прави, поплавите со „барок“ во армиран бетон долго траат, од вода побрзо се спасува.
Да рушиш, да пресоблекуваш? А вложени стотици милиони? Ајде, на пресоблеченото ќе му ги симнеш „барокните“ партали. Не е евтино, можеби ќе се издржи. Но како да го спасиме Вардар, визурите, елементарните функции. Мора да се вратат просторните димензии на централното градско подрачје, реката, единството на композицијата, визуелните слободи.
Конкретно што?
Да ја вратиме автентичноста на пресоблечените објекти во градот. Да се вратиме во современиот свет, чиј дел бевме, каде ни е местото, каде светот нè препознаваше. Сметаше на нашите градители, проектанти.
„Риалити арх“ – акцент на срамот
Градевме, проектиравме по Југославија, Германија, Чехословачка, Полска, Русија, Украина, Блискиот Исток, Северна Африка. Годишните реализации се мереа со повеќе стотици милиони долари. Имавме углед, нè бараа. Објектите изградени дома се презентираа по стручната литература во светот. Урбаното планирање на Скопје беше презентирано по светските универзитети. Уништивме речиси сè.
Ако се симнат преоблечените фасади, да се врати автентичноста на објектот, скапо е, ама реално можно, ќе се издржи. За скулптурите ќе се организира депо. Најскапа, најтешка работа е урбаната ренесанса на просторите, слободата на Вардар, брегот, просторните визури. Ајде, бродовите ќе ги пуштиме да отпловат, тркалото ќе го испратиме на Темза. Ама како да ги срушиме објектите во Вардар, на брегот. Урбаниот злостор е најскап. Не знам, плачи сакана земјо. Ова е Скопје, а што нè чека на другите простори, градови, можеби Охрид. Колеги урбанисти, помагајте, светот не жали.
Дали глупоста ќе нè чини милијарда? А треба да се вратиме во современиот, нормален свет. Светот да престане да нè фотографира и со потсмев да го презира нашиот „балкански примитивизам“ – риалити арх.
Па просторите на еден регион, држава, се планираат. Просторното планирање е мултидисциплинарно, усогласувано со наследеното, природата, развојот, економијата, комуникациите, екологијата, усогласено со просторите и вон државата. Научно усогласувано.
Од просторното, произлегува урбаното, па сè до архитектонското. Секој фрагмент на планирањето подразбира компетентно, стручно учество. Неопходен е стручен, соодветен ангажман, а не да покажуваме со прст каде, што, како да градиме. – „Има гу направиш овуј фасаду, как овуј мое одело“.
Се е резултат на нивото на свеста и моралот на една средина. И кај нас функционира „шперизмот“. Имавме мајстори кои градеа и проектираа по светот, некогаш и сега. Мораме да се спасиме од цивилизацискиот срам. Колку ли ќе чини? Жал ми е за младите што ќе го отплаќаат овој наш грев.
Да одиме понатаму. Во градот да градиме по регуларни урбанистички планови градби со урбанистите и архитектите, без „политичари“ и тајкуни. Нè чекаат просторите во Центар, Ново Маало, Маџир Маало, Водно, бреговите на Вардар, Треска, Лепенец.
Архитектурата и урбанизмот се постари од нас. Архитектурата е дел од просторот, целината, времето, од културата, од свеста.
Пишува: Ратко Раѓеновиќ, дипл.инж.арх.
(Текстот на архитектот Ратко Раѓеновиќ е еден од одговорите на повикот насловен „Што после Скопје 2014?“ од списанието „Порта 3“ до струката и други автори да го изнесат својот став и мислење на оваа тема).