Пополнетиот градски простор не мора неизоставно да значи и сочуван градски простор, и тоа е лекција која малку потешко се учи. Вредноста на просторот добива на тежина тогаш кога запоставените концепти ненаметливо зрачат со чиста комбинација од оригиналност и функционално-естетска вредност над шаблонизираните матрици. Во таков случај просторот може да се изгуби, а изгубените простори наликуваат на починатите роднини и пријатели кои низ болка ги паметиме, но кои нè опоменуваат кон преостанатите да се однесуваме со повеќе почит и внимание.
Карпош3 – тековен изглед
Доколку Вашиот автор ја имаше присвоено и се раководеше според официјалната политика за изградба на градот Скопје, идејните решенија околу кои ќе „цупка“ овој текст одамна ќе беа „паркирани“ на некоја мемориска банкина. Но, бидејќи конформизмот од таков вид пречесто ја губи еластичноста на удобна кожа, неопходно е повремено да се отфрли за да, по волјата на интелектуалниот скептицизам, им отстапи простор на стручната и граѓанската совест. Во овој случај вербално, онака како што е генетски и воспитно всадена.
Карпош3 – ДУП-овска матрица
Ако можноста да се претстави едно поинакво гледиште е лајт-мотивот за оваа серија текстови, тогаш правам уште еден отклон од оргазмичкото задоволство од реализациите од понов датум, во обид да фрлам светло на неколкуте идејни бисери потполно заборавени во вителот на скопското „о-рук“ градежно секојдневие. Мала ретроспектива на неколку „ситници“ со кои, повеќе граѓаните отколку жителите на овој град ќе можеа во секое време и пред секого да се „истопорат“. Ситници кои ќе ја збогатеа неговата содржинска палета со оригинални просторно-функционални атрибути и вредности. Бидејќи имам чувство дека добар дел од нив, Скопје пропушти да ги има.
Со своето пристојно урбанистичко и скромно архитектонско познавање, авторот нема амбиција да наметнува какви било критериуми. Желбата да се стават на увид докази за постоењето на време на поинаков однос на релација политика-струка-градски развој, како единствен инкубатор на квалитетни концепти, е негова доминантна водилка.
Вештачко езеро во населбата Карпош 3
Способноста на управувачите со убавината на овој град од еден просторен oculis miracul да направат miraculum е суштината на силата со која довчерашната балканска паланка треба да се форсира кон категоријата метропола. Свеста дека оплеменувањето на „црните дупки“ не се прави единствено со трансформација на царството на жабите и коровот во кралство на ексклузивитетот, можеше да прерасне во ракопис на урбаната гордост, со кинетика на успешен отпор против градежната опресивност. Под диктатот токму на таквата свест, површината омеѓена со булевар „8 Септември“ кон исток, булевар „Илинден“ кон југ, и коритото на реката Вардар кон север и кон запад, во еден момент се вклопи во идеен концепт дијаметрално спротивен на вообичаените ДУП-овски матрици.
Карпош3 – изглед на вештачко езеро
Хоризонтала наместо вертикали и вода наместо бетон, челик и вештачки стаклен сјај. И тоа е тоа, езерска површина импортирана во урбаното ткиво, како разиграна екстензија на Градскиот парк вештачки пресечен со „создадена вредност“ од булеварски тип. Рекреативна, микро-климатска и еколошка „вакцина“ со нагласена достапност наместо социјален ексклузивитет со лажна East River визура. Скопско „Савско море“ наместо „комуналии“ со непозната судбина и, во иднина секако, низи од паркирани „посебности“. А да, и со олимписки потенцијал кој би ги прераснал веслачките води на Матка од регионален калибар.
Концептите од овој тип или успеваат во целост или по кусо време добиваат дисидентски статус, како единствена „правна поука“ на решението со кое се осудуваат на заборав. Сеќавањето бара подобност, материјализацијата – материјален интерес. Во доктрината на урбанистичко-финансиската религија која земаше замав, немаше место за мирна прошетка или џогинг-рекреација крај градска a la Central Park езерска површина, а велосипедите и ролерите беа „забетонирани“ во пинг-понг движењето на релација Карпош 4 – Градски парк, кое далеку повеќе им погодува на испраксираните уживачи отколку на децата и ентузијастите-почетници.
Во тој смкнат простор градот пропушти да вгнезди сафирна дијадема на зелената парковска локна, која, со повеќе од 1.000 метри должина, ќе беше истовремено и препознатлива точка на мапата на меѓународните веслачки натпреварувања на мирни води. А во услови на економска скромност, граѓаните ги остави без можност за масовно летно освежување кое не би било од строго базенски тип.
Просторот е потрошлив ресурс и таа негова карактеристика повеќекратно јакне со зголемување на степенот на реткост односно оригиналност на една идеја. Тој сооднос покажува дали направената „потрошувачка“ по својата форма и функција ќе се материјализира во шаблонска основна или ќе поседува и, во однос на целината на градот, додадена вредност.
Стара железничка станица – реконструкција
Доталкана од границата на здравиот разум, намерата да се стави во функција часовникот на објектот на Старата железничка станица за секој, повеќе граѓанин отколку жител на овој град, претставува мерило за опасноста надвиена над овој објект-паметник. Во услови блиски на нашите, бришењето макар и на еден споменички атрибут ниту под висока телесна температура не би можел да звучи бенигно. „Успешно“ реализиран, овој наум меморијата и пиететот на скопјани ќе ги сведеше на надморска височина на обичен ѓон, со тенденција набргу и да ги подвлече под него.
Стара железничка станица – тековна состојба
Постои логика според која, доколку една опасност се јави во форма на одземање, тогаш додавањето низ презервација на формалната и суштинската вредност на една содржина, може да биде ефикасен „серум“. Артикулирањето на идејата за реконструкција на Старата железничка станица беше моментот кога полно работи можеа да се сменат. Полно. Во поимањето на архитектурата на главниот град и, во потесна смисла, начините за заштита на вредниот а запоставен фонд низ повеќекратна надградба на неговата функционалност. А епилогот така човечки и, би рекол, така наш. Грубо да се превиди не само можниот резултат, туку и вредноста на мисловниот исчекор кој идеално се поклопува со носечките трендови на современите градови. Барем на оние со метрополски статус и амбиции.
Стара железничка станица – концептуален изглед
Наместо со продолжено внимание, преку целиот случај се премина како преку ординарна необичност. За мнозинството, лајт-мотивот една пасивна и полумртва музејска содржина да се надгради во мултифункционален центар со 24-часовна гравитациска моќ, без притоа да се одземе и промил од неговата споменичка вредност и симболика, остана непознат. Исто како и намерата еден дел од таа мултифункционалност да биде резервирана за службите на Градот Скопје, кој, како „покривна“ самоуправна инстанца, ќе заземеше апсолутно логична просторна, архитектонска и хиерархиско-симболичка позиција во однос на градските општини. Концептуалната круна беше замислена како плоштадски простор во стаклена аквариум-обвивка како социјано жариште и дистрибутер на движењата кон секциите со услужни и деловни содржини.
Наместо ортодоксниот „сруши и гради“ пристап, во случајот со Старата железничка станица беше избрана обнова на оригиналниот габарит со современи материјали чија фасадна дискреција немаше да претставува ниту визуелна конкуренција на споменичкиот остаток од објектот.
Стара железничка станица – застаклено пешачко јадро
И уште по нешто…
Дебатите за потребата биле и ќе бидат составен дел од процесите за оплеменување на градските простори. Но, поради различниот степен на разбирање и оправданост, секоја култура треба да донесе свои наравоученија и заклучоци на кој начин сето тоа треба да се изведе. Низ сопствена ментална и системска катарза.
Без оглед дали се гледа како градски или фудбалски ресурс, просторот е простор. Кај најважната машка работа на светот, тој се покрива не со еден туку со група од диригирани играчи. Односот кон него во градовите не смее да се разликува, па за играњето пресинг по системот еден простор – една (те иста!) идеја не постои оправдание. Бидејќи со ординарниот пресинг не се покрива просторот, туку само и единствено „играчите“ во него.
Градскиот простор бара издигнување на духот над горната граница на смогот за да им се овозможи на знаењето и искуството да се затегнат како тетива и да лансираат визија за одреден негов дел. Тоа е единствениот начин на кој може да се согледа дека овој град со нескриени метрополски амбиции нема доволно содржини кои би го вовеле во тоа „високо друштво“. На пример концертен простор на отворено како неопходен адут за продор на фестивалската и туристичка мапа на Европа па, зошто да не, и светот.
Парк шума Гази Баба – перспектива
Скопје никогаш нема да го има фамозното „Ушќе“, но просторот на парк-шумата Гази Баба може да ги постави основите за конкретно размислување. Како што нема да го има и прочуениот Калемегдан, но секогаш ќе поседува своја тврдина која, со мудро и нешто похрабро маневрирање, можеше да се доближи до граѓаните како уште еден посебен парковски простор со културолошки потенцијал, на пешачко растојание од централниот плоштад, но безбедно оддалечено од неговата летна микро-клима.
Парк шума Гази Баба
Наместо ретроспектива
Субјективната сенка над ова писание останува како неспорен факт и авторот тоа ниту може, ниту сака да го одрече. Токму поради тоа неговата искреност не се истрча да ја потенцира роднинската врска од најблизок вид со носителот на опишаниот идеен калеидоскоп. Наместо тоа, препушти прекршувањето на неговите нијанси во апсолутно чиста форма да се впие во сетилата на читателот. Само така авторот можеше да смета на објективно согледување на неговиот порив овие креации на еден искрен пристап кон градот, неговите потреби и иднина да ги заштити од вирусите „заборав“ и „плагијаторство“.
Во услови кога дури ни долгогодишната материјализација не содржи „гарантен лист“ за опстанок на која и да било градска форма, оние останатите, „заробени“ во хартиен формат, едноставно немаат никакви шанси. Овие и неколкуте други идејни меѓници со кои архитектот Зоран Тониќ, последниот главен архитект на градот Скопје, се обидуваше да воспостави јасна парабола над приземното уверување дека личноста на таа функција, наместо со маркантни од општ и поширок, треба да се занимава со прашања од маалски интерес, себично кон градот и неодговорно кон неговите генерации се препуштени на заборавот. Токму како и наведената фунција и потребата од неа.
Идејните тежишта и концептуалната оригиналност, кои подеднакво им овозможуваат и на постоечките функции и на визионерските бравури да продишат „на обете белодробни крила“, се неизбежни атрибути и двигатели за секој современ главен град.
Вело-патека, корито на река Вардар
Со грубото „гушење“ на идејната разиграност директно му се сугерира на содржинскиот корпус на градот, дека за одделни просторни атрибути во него место нема, дури и во случај кога неговиот потенцијал веќе ги чувствува и латентно посакува. Таквиот ретрограден манир, за среќа, ја одбегна велосипедската патека низ мајор-коритото на реката Вардар, која, од идеен концепт „намирисан“ од истиот автор, за кусо време експлодира во еден од најуспешните сообраќајно-инфраструктурни проекти од понов датум.
Тврдина Кале – перспектива
Тврдина Кале – парковски простор
Главниот градски поштад ја немаше баш истата среќа. Во конкурсниот налет современо осмислената реконструкција со акцент на сведена сериозност во европски манир, однесе победа над тенденциите за апсолвентско експериментирање со јадрениот градски простор. Исто како и употребениот гранитен материјал чиј квалитет без задршка ужива доверба од светски ранг. И од материјалот и од идејата, што градскиот простор го оплемени со тој материјал, повеќе трага нема. Либералниот пристап и, веројатно, премногу чистата резултантна форма и дизајн за помалку од десет години им отстапија простор на една содржинска и монохроматска разиграност чија визуелна вредност, комфор и употребливост допрва ќе бидат проценети под светлината на летното скопско сонце.
Метрополските амбиции подразбираат ИЗБОР на најдобрата или присвојување на неизбрусената вредност, во манир максимално ослободен од субјективни заднински баласти. Затоа што изгубените простори наликуваат на починатите роднини и пријатели кои низ болка ги паметиме, но кои нè опоменуваат кон преостанатите да се однесуваме со повеќе почит и внимание.