Проектот наречен Amou опфаќа реновирање на објект од 160 м², сместен во станбена населба во градот Лион, Франција. Модифицираната основа со отворен план е дизајнирана за четиричлено семејство, чија примарна желба била конверзијата на поткровјето во ефикасни и функционални простори. Целокупниот концепт се сведува на отворање на приземјето, рушејќи ги постоечките преградни ѕидови и позиционирање на спалната соба во горниот кат.
На приземјето, со имплементација на големата сива структура во средината на просторот, се одделуваат влезниот претпростор и дневниот престој. Оваа структура претставува составен дел од ентериерното уредување, давајќи му функција на остатокот од просторот како ѕид за складирање во влезниот дел, перална и остава во средината и библиотека во поинтимниот дел, т.е. дневниот престој.
Трпезаријата и кујната се позиционирани во непосредна близина на француските прозорци, кои со својата двојна висина нудат непречени пејзажни согледувања.
Конструкцијата на скалиштето е изведена од индустриски профили, додека скалниците се одликуваат со дрвена обработка. Дизајнот на трпезариската маса е изработен како имитација на изгледот на скалиштето, претставувајќи специфичен, впечатлив елемент, кој иако различен, целосно се вклопува во контекстот на останатите структури од отвореното приземје.