Аи Веивеи, познатиот кинески уметник, повторно ја истакна несреќата на бегалците кои си ги ризикуваат животите во немирните води за да стигнат до Европа.
Во неговата најнова уметничка инсталација во Берлин, 58-годишниот уметник користи 14.000 појаси за спасување за да ги покрие столбовите на познатата зграда „Концертхаус“ во германскиот град.
Светлопортокаловите елеци се донесени во Германија од грчкиот остров Лезбос, каде што биле оставени на плажите откако биле употребени на бегалците кои доаѓале од Турција.
Годинава повеќе од 400 луѓе загинаа во обид да го преминат Средоземното Море, а во првите шест месеци од 2016 година бројот на бегалци кои преминуваат е речиси 10 пати поголем во однос на истиот период минатата година, соопшти минатата недела Меѓународната организација за миграции.
Активист, кој често ги користи своите профили на социјалните мрежи за да ги потенцира социјалните проблеми, Аи Веивеи постојано го посетува Лезбос од почетокот на бегалската криза. Кон крајот на декември минатата година, тој почна да споделува слики и видеозаписи од грчкиот остров на неговата лична страница на „Инстаграм“, привлекувајќи го вниманието на проблемите со кои се соочуваат илјадници луѓе кои тргнуваат на опасно патување за да избегаат од војната и тешкотиите. (Ал џезира)