Во наредните два месеца во урбаната заедница „Владо Тасевски“ во Карпош ќе се работи на санација на неколку улици и канализации, а ќе се изгради и нова канализациска мрежи, најави викендов градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Веќе се започнати градежни работи на улицата „Борка Талески“, а наскоро ќе започне и реконструкција на улицата „Њу Делхиска“.
Општинарите планираат да изградат и атмосферска канализација на улиците „Алжирска“, „Анкарска“, „Багдатска“, како и на улицата „Борка Талески“. На посочените улици освен нова канализациска мрежа ќе се реконструираат и коловозните ленти. Голем дел од парите за овие зафати Општината ги обезбеди преку проект од Светска банка. Значителен дел ќе се издвојат и од општинскиот буџет.
„Вкупно ќе се потрошат околу 18 милиони денари. Со средства издвоени од буџетот ќе се изврши и реконструкција на атмосферската канализација на улиците ‘Рампо Лефката‘ и ‘Ристо Равановски‘ “, дополни Јакимовски.