На 25 ноември 2015 година беа објавени резултатите за наградата Куќа на годината 2015, на Кралскиот институт на британските архитекти (RIBA House of the Year 2015). Нововоспоставената награда Куќа на годината, под спонзорство на осигурителната куќа Hiscox Home Insurance, е замена за претходната Мансерова медалја на Кралскиот институт на британските архитекти (RIBA Manser Medal) воспоставена во 2001 година. Со обете награди се одбележува најдобрата нова куќа испроектирана од архитект во Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Жирито во состав: Крис Лоин (Chris Loyn, Loyn and Co), добитник на Мансеровата медалја за 2014 година; Џејмс Станден (James Standen, Hiscox), претставник на спонозорот; Џонатан Мансер (Jonathan Manser, Manser Parctice) претседавач; Мари Даган (Mary Duggan, Duggan Morris Architects), добитник на Мансеровата медалја за 2011 година; Тони Чапман (Tony Chapman, RIBA Head of Awards), раководител за награди на RIBA, најпрвин од пријавените проекти селектирале „долга листа“ на која се наоѓале дваесет проекти, за потоа од неа да селектираат седум проекти кои се нашле на „кусата листа“ на проекти во најтесниот избор за наградата. Од оваа „куса листа“, жирито како добитник на наградата Куќа на годината за 2015 година ја прогласило „Куќата од кремен“ (Flint House) на архитектката Скене Катлинг де ла Пења (Skene Catling de la Peña).
Наградениот објект е куќа која се состои до две куќи: главниот објект на „Куќа од кремен“ со вкупна површина од 465 квадратни метри и куќа-анкес за гости со површина од 115 квадратни метри. Двете куќи се со издолжена правоаголна форма, при што главната куќа и куќата анекс се наоѓаат една наспроти друга, а калканските страни ѝ се лоцирани во рамките на имотот Вадесон манор (Waddeson Manor) во Бакингамшајара (Buckinghamshire) кој е во сопственост на Лордот Ротсчалд (Lord Rothschild). Пристапот кон проектирањето на објектот е скулптурален, прати што двете куќи од меѓупросторот помеѓу нив полека се издигаат во спротивна насока, како резултат на што секоја од нив во подолгата фасада има триаголна форма.
Веројатно е поточно триаголната форма да се опише како зигурат, со оглед на тоа што објектите скалесто се искачуваат од нивото на теренот помеѓу двата објекта до највисоките точки на спротивните страни на куќите. Како резултат на нивната триаголна форма, во подолгиот пресек двете куќи се со висина од приземје во делот кон меѓупросторот помеѓу објектите до приземје и кат на спротивните катови. Линеарната поставеност на главната куќа и анексот на локацијата, е преточена и во основите на објектите коишто линеарно се развиваат со долг централен коридор, од кој од двете страни се наоѓаат просториите. Приближно кон средината на коридорот на приземјето централно се поставени еднокраките скали коишто водат кон првиот кат.
Фасадното обликување е според принципот на полно и празно, при што нешто пократките масивни фасадни ѕидни маси се заменуваат со подолги екрани од стакло. Застаклувањето во најголемиот дел е вовлечено во однос на масивната полна фасада, што го истакнува чувството на длабочина, овозможува делумно осенчување на големите застаклени површини, но и придонесува, преку играта на сенка, надворешноста и внатрешноста на објекот различно да се доживува, не само во текот на денот туку и со промените во времето и осончувањето. Се разбира, во текот на вечерта кога светлата се вклучени во вантрешноста на објектот, се добива чувство дека светлината зрачи од некоја карпа или, гледано од далечина, од некои два мали рида кои се дел од пејзажот.
Ваквото чувство е нагласено преку изборот на материјалот за фасадна обработка на објектот. Во овој случај, архитектката Де ла Пења го избрала кременот. Изборот на материјалот не е случаен, со оглед на тоа што објектот е лоциран на наоѓалиште на кремен, како резултат на што објектот претставува своевиден континуитет на геологијата на локалитетот и се доживува како продолжување на наоѓалиштето на кремен над нивото на теренот. Фасадите од кремен и нивната обработка се дел од богатата традиција на народната архитектура во земјата, каде во делови сиромашни со поквалитетни камени за изработка на објекти од камен, или пак глина која овозможувала објектите да се градат од цигли, објектите се граделе или пак нивините фасади се обложувале со малите камени од кремен.
Во овој случај, за облагање на фасадата биле искористени 80 тони рачно избран камен од кремен, коишто биле распределени во осум нијанси, според својата боја, и обработени според најдобрите традиции на народната архитектура. Тие биле искористени за облагање на фасадата во осум слоја, при што најтемниот и најнеобработениот камен бил користен во основата на фасадата, додека секој нареден слој пообработен но посветол камен од креда, што овозможува визуелно границите на највисоките делови на објектот и небото, во услови на облачно време, значително да се изгубат, како да небото и земјата се споиле во едно. Најгорните слоеви на фасадата завршно се обработени со бел камен од креда, што дополнително придонесува највисоките делови на објектот визуелно да оддаваат впечаток на лесност и воздушност.
Дополнителен аспект од доживувањето на објектот е меѓупросторот помеѓу куќата и анексот, каде пристапот кон влезната врата на објектот оддава чувство на влез во некој тунел или рудник, со оглед на скалестото издигање на објектот од неговите две страни. Ова можеби води кон дилема, дали да ја истражите внатрешноста на објектот преку влезот, или пак да го истражите околниот пејзаж преку искачување по „скалите“ лево и десно од влезот што едновремено го претставуваат кровот на објектот.
Играта на полно и празно, и светло и темно, продолжува и во внатрешноста на објектот каде потесните природно неосветлени простори водат кон пошироките и повисоките природно осветлени простори, кои наизменично се појавуваат сè додека не се дојде до калканскиот ѕид со голем застаклен екран кој го врамува околниот пејзаж и ги поврзува внатрешноста и надворешноста на објектот. Фасадната обработка на камен од кремен продолжува и во внатрешноста на објектот каде се создава голем контраст со мазноста на бело обработените внатрешни ѕидови, со што се овозможува дополнително поврзување на надворешноста и вантрешноста на објектот.
„Куќата од кремен“, несомнено, е исклучително архитектонско достигнување каде што објектот претставува дел од пејзажот, што говори не само за умешноста на архитетот, но исто така и за визијата на клиентот што овозможил оваа архитектонска замисла да се реализира. Се разбира, притоа не смее да се заборави и огромниот придинес на мајсторот-каменорезач, специјалист за камен од кремен, кој преку обработка и вградување на 80 тони камен не само што придонел за реалзиацијата на овој објект, туку и за создавањето на нов пејзаж во рамките на дворецот Вадесон манор.
„Куќата од кремен“ е исклучителен пример не само на архитектонско и пејзажно остварување туку и пример за посакувана соработка помеѓу архитектот, клиентот и изведувачот. Таа не само што има придонесено за реализацијата на овој егземпларен објект, но е и доказ дека преку ваква соработка може не само да се сочуваат туку и да се промовираат вештините на занаетите што полека изумираат во рамките на сè поиндустрискиот пристап кон изградба на станбени објекти, не само во Обединетото Кралство туку и во светот.